Gorana Jakovljevic
09 Декември 2019•Ажурирај: 10 Декември 2019
БИХАЌ (AA) - Преместувањето на мигрантите од кампот „Вучјак“ ќе започне утре по ручекот предвиден за во 11 часот“, изјави денеска Селам Миџиќ, секретар на Црвениот крст на градот Бихаќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тој во кампот „Вучјак“ во присуство на претставниците на Меѓународната организација за миграција (ИОМ), заблагодарувајќи им се за сѐ што тие сториле во изминатите шест месеци, им се обрати на мигрантите, објаснувајќи дека тоа утре мора да се направи, бидејќи од утре кампот повеќе нема да постои, дека мораат да се спакуваат и да тргнат во Сараево.
„Се гледаме некогаш“, порача Селам откако истакна дека мигрантите сместени во овој камп до 11 часот треба да се спакуваат, дека за нив ќе дојдат автобуси и дека ќе биде присутна и полицијата.
Во обраќањето на новинарите рече дека низ овој камп поминале до 25.000 мигранти во интервалите од јуни.
„Делевме со нив добро и зло, нѐ почитуваа нас, нашите правила, немавме никакви проблеми по која било основа со тие луѓе, значи дека го почитуваат и ценат односот кој го имате кон нив, ништо друго. Имавме добар однос, им дававме сѐ што можевме“, рече Миџиќ.
Нагласи дека имало многу донатори кои во изминатиот период дале печат на хуманоста, за разлика од институциите кои не помогнале во сето она што го правеле.
„Да не беа тие, веројатно ниту ние не би го одржале овој камп олку долг период. Жал ми е, жал ми е за сѐ што преживеаја во овој камп, за сѐ што не им беше овозможено, а требаше да биде. Покрај сите проблеми што ги имаа, тешките услови во кои работеа, пак на некој начин, секоја разделба е тешка, драго ми е што одат во подобри услови, поквалитетни, во услови во кои ќе може да ги добијат сите права што ги заслужуваат“, рече тој.
Додаде дека тие утре ќе тргнат во Сараево, но дека не знае на која локација точно, со оглед на тоа дека ги има повеќе.
„Битно е дека „Вучјак“ ќе се затвори, бидејќи ова навистина не е простор за престојување на толкав број луѓе“, рече тој.
Абдула Будимлиќ, претседател на Црвениот крст на градот Бихаќ, истакна дека за претставниците на оваа организација, што се однесува на безбедноста, оваа ситуација е нормална, но дека е алармантно за луѓето кои престојуваат во „Вучјак“.
„Гладни, жедни, боси, голи, но ние сме тука да им го обезбедиме потребното“, рече Будимлиќ, и потсети дека вчера им доставил јакни, џемпери, чевли, за да се заштитат од студот.
На денешниот ручек поделени се околу 1.100 оброци за мигрантите во кампот. Будимлиќ истакна дека затворањето на „Вучјак“ ќе ја олесни работата на оваа организација, но дека ќе имаат уште работа додека сѐ се размонтира.