Bekim Laci
27 Јуни 2018•Ажурирај: 28 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Европската Унија (ЕУ) бара од Македонија, до јуни наредната година да поседува епилог за започнатите судски случаи за организиран криминал и корупција, вклучувајќи ги и оние на високо ниво, изјави денес портпаролот на Владата на Македонија, Миле Бошњаковски, јавува Anadolu Agency (AA).
На редовната неделна прес-конференција заедно со вториот владин портпарол, Мухамет Хоџа, Бошњаковски разговараше околу трите услови кои ѝ се дадени на Македонија за реализирање до започнувањето на преговорите со ЕУ во јуни 2019 година.
Бошњаковски нагласи дека властите на Македонија ги добиле јасните инструкции, по што, треба да започнат да ги исполнуваат обврските, бидејќи земјата ќе треба да покаже транспарентни и одржливи резултати во побараните области.
„Во однос на реформите во судството, проактивни истраги во обвинителството и завршни одредби во корупциските и организираните криминални случаи, вклучувајќи ги и оние на високо ниво. Значи, овде треба да имаме видливи резултати во однос на процесите кои се во тек, да имаат адекватна завршница. Да имаме реформи на безбедносните служби, нешто што го почнавме интензивно да го работиме со Планот 3-6-9, којшто наскоро ќе резултира и со отворање на новата агенција ОТА. И третото, реформи во јавната администрација“, рече Бошњаковски.
Владиниот портпарол истакна дека Владата долго време го соопштува Планот 18, при што, упати апел за трпение, бидејќи тој ќе биде наскоро објавен и на тој план ќе бидат вклучени сите показатели за тоа што точно од обврските треба да се направи.
Од друга страна, другиот владин портпарол, Хоџа, информираше дека Македонија и Германија постигнале договор за заемно признавање на возачките дозволи, со тоа што сега граѓаните на Македонија кои живеат и работат во таа земја нема да имаат потреба да полагаат дополнителни испити.
Според него, Владата на Македонија, на вчерашната седница ја усвои информацијата за потпишување на заедничката Декларација помеѓу МВР и германското Министерство за сообраќај и инфраструктура, за заемно признавање на возачките дозволи.
„Врз основа на информациите кои ги имаме од МВР, очекуваме оваа декларација наскоро да биде потпишана од страна на надлежните министерства и да се спроведува во двете земји. До денес, Македонија ваков договор потпиша со седум земји, Шпанија, Италија, Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Австрија“, рече Хоџа, истакнувајќи дека еден ваков договор со очекува наскоро да биде потпишан и со Косово.