БЕЛГРАД (АА) - Со достоинство ќе ги бранам одлуките на мојот тим, Владата на Србија, чии приоритети ќе бидат економскиот развој, образованието и дигитализацијата, изјави денес мандатарката за состав на новата Влада на Србија, Ана Брнабиќ, и ги повика пратениците од Собранието на Србија да му се придружат на нејзиниот тим во изградбата на подобар живот за сите граѓани, јавува Anadolu Agency (АА).
Собранието на Србија денес со задоцнување ја започна седницата на чиј дневен ред е изборот на Влада на Србија, која предводена од Ана Брнабиќ ќе има 22 члена.
На седницата присуствуваат и кандидатите за членови на Владата кои ги предложи Брнабиќ. Седницата ја набљудуваат и претставниците на амбасадите во Белград.
Читајќи го експозето пред народните пратеници, Брнабиќ изјави дека нејзиниот тим ќе работи единствено и заеднички во одбраната на своите ставови и одлуки, но додаде дека таа ќе има најголема одговорност за сѐ.
„Најголемата одговорност ќе биде моја, нема да се сокривам зад соработниците, редовно ќе ја известувам јавноста за нашите намери, ќе ја поттикнувам конструктивната критика и покрај навредите во јавниот говор кои веќе ми се упатени во изминатите денови и кои можам да ги очекувам во иднина. Вистината и фактите ќе ги бранам со достоинство и дигнитет“, изјави Брнабиќ.
Според нејзините зборови, цел на идната влада е да се направи општествен договор за тоа што е потребно да се стори за Србија да влезе во редот на успешните земји.
Таа оцени и дека ниедна влада на Србија во последните 10 години не го започнала мандатот со толку добра состојба во буџетот, наведувајќи дека државната каса е во добра состојба, инфлацијата во планираните граници, со суфицит во буџетот, и дека Србија има тренд на намалување на јавниот долг и на дефицитот на платниот биланс.
Брнабиќ изрази сигурност дека оваа Влада ќе има резултати за кои не ќе можат да се оглушат ни оние чија поддршка ја нема. Таа укажа и дека новата Влада има добра основа којашто ја оставила претходната Влада предводена од премиерот Александар Вучиќ.
Мандатарката наведе и дека врвен приоритет на идната Влада, освен економскиот развој, ќе биде дигитализацијата и дека Србија е подготвена во таа област да го предводи целиот регион.
„Нашата целокупна општествена организација и општество ќе бидат редефинирани во потполност во дигитализацијата. Србија мора да биде подготвена, бидејќи ако сега не ја искористиме шансата, тешко дека ќе добиеме втора шанса. Дигитализацијата отвора можности за полесен живот на граѓаните, поевтини услуги и поврзување меѓу луѓето“, објасни Брнабиќ.
Вториот најважен приоритет на владата по дигитализацијата ќе биде образованието.
„За да го унапредиме образовниот систем, ќе го поттикнуваме аналитичкиот систем на размислување. Ќе работиме на тоа да го промениме начинот на размислување што ја попречува креативноста, младите да ги наведеме да не се откажуваат на првата пречка, да веруваат во себе и да одат во пресрет на амбициите. Ќе го негуваме претприемачкиот дух кај младите, што не значи дека сите млади треба да бидат претприемачи“, изјави Брнабиќ.
Таа изјави дека ќе даде сѐ од себе во мандатите на идната влада да биде завршена обновата на Народниот музеј и на Музејот за современа уметност во Белград, кои веќе подолго од 10 години не работат, како и дека идната влада ќе остане посветена на учествто на Србија во мултинационалните мировни операции на ОН и на ЕУ, како и на ангажирањето во програмата Партнерство за мир.
Брнабиќ предложи 18 надлежни министри и тројца министри без ресор. Меѓу нив се и четворицата потпретседатели на Владата. Нови се потпретседателот на Социјалистичката партија на Србија, Бранко Ружиќ, кој е предложен за министер за државна управа и локална самоуправа, белградскиот секретар за екологија и член на СПС, Горан Триван, предложен за министер за заштита на животната средина, а претседателот на Српската народна партија, Ненад Поповиќ е предложен за министер без ресор, задолжен за иновации. Министерствата ќе ги заменат Зоран Ѓорѓевиќ и Александар Вулин, па Вулин ќе биде министер за одбрана, а Ѓорѓевиќ министер за труд, вработување и социјални прашања.
Рокот за избор на владата е 30. јуни на полноќ. За владата да биде избрана, потребно е за неа да гласаат најмалку 126 пратеници. Мандатот на владата започнува со полагање заклетва.
news_share_descriptionsubscription_contact
