Ihvan Radoykov
28 Април 2021•Ажурирај: 29 Април 2021
СОФИЈА
Неуспешен е и вториот обид за формирање владин кабинет во Бугарија по парламентарните избори што се одржаа на 4 април, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шаховската шампионка Антоанета Стефанова, која беше предложена за кандидат за премиер од партијата „Има таков народ“ (ИТН) на шоуменот Слави Трифонов, што по изборите е втората по големина парламентарна група со 51 член во бугарското Собрание во кое партиципираат 240 пратеници, веднаш го врати мандатот за формирање Влада што го доби од претседателот Румен Радев.
На церемонијата Стефанова рече: „Ние, како партија ИТН, немаме намера да влегуваме во непринципиелни коалиции.“
Лидерот на „Има таков народ“, Трифонов, вчера во соопштението што го објави на социјалните мрежи изјави дека неговата партија не добила безрезервна поддршка од другите групи во Парламентот и истакна дека секој обид за воспоставување Влада во таква средина би бил „политичко самоубиство“.
Претходно, неуспешен обид за формирање Влада имаше партијата „Граѓани за европски развој на Бугарија“ (ГЕРБ), предводена од поранешниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов, која во бугарското Собрание има 75 пратеници.
- Уште една шанса за Парламентот
Според Уставот на Бугарија, претседателот Радев треба да ѝ го предаде мандатот на една од другите 4 пратенички групи претставени во Парламентот, откако двете најголеми парламентарни групи не успеаја да формираат владин кабинет.
Претседателот Радев соопшти дека сака да му даде време на Парламентот за да се направат потребните измени за демократизација на Изборниот законик.
Ако не успее и третиот обид за формирање владин кабинет во Бугарија, тогаш претседателот Радев, распуштајќи го Парламентот, ќе треба да формира привремена технократска влада која ќе одреди датум за предвремени избори.