Stipe Majic
28 Април 2021•Ажурирај: 29 Април 2021
ЗАГРЕБ
Минатата пандемиска година, во Хрватска се регистрирани 23.000 смртни случаи повеќе во однос на новороденчињата, а се регистрирани приближно 23 отсто помалку склучени бракови во споредба со претходната година, јавува Anadolu Agency (AA).
На презентацијата на проектот „Мрежа 2050 - Демографија, од предизвик до одговор“ на Светскиот сојуз на млади на Хрватска (ССМХ), водачот на проектот Иван Мајсториќ истакна дека иселувањето на младите и депопулацијата се меѓу најголемите проблеми во Хрватска и дека на демографските проблеми не им се пристапувало систематски, меѓусекторски и научно.
„Пандемијата имаше негативно влијание врз демографските трендови, така што минатата година Хрватска забележа најголем демографски пад во историјата, со приближно 23 отсто помалку склучени бракови од претходната година. Проекциите на Обединетите нации велат дека во 2050 година Хрватска ќе има речиси 17 отсто помалку население доколку јавните политики не се променат“, предупреди Мајсториќ.
Стјепан Штерц, раководител на Катедрата за демографија и хрватска емиграција на Факултетот за хрватски студии, на Универзитет во Загреб, рече дека демографијата во Хрватска, како еден од клучните национални проблеми, е непотребно политизирана и со тоа се оддалечува од научниот пристап.
Тој посочи дека според официјалните податоци на хрватското Министерство за администрација, минатата година се евидентирани 23.000 смртни случаи повеќе од родени лица.
„Доколку продолжи ваквиот вид на иселување и се намали активноста на активното население, дефицитот на пензискиот систем ќе се зголеми и се поставува прашањето дали ќе може да се покрие од буџетот. Според ОН, Хрватска е меѓу петте најстари популации во светот и во областа која е најзагрозено демографско подрачје во светот“, рече Штерц.
Марина Периќ-Касеj, директорката на Институтот за миграција и етнички студии, рече дека од влегувањето на Хрватска во Европската Унија, според официјалните податоци, околу 150.000 лица се иселиле, додека неофицијалните податоци, медиумите и анкетите покажуваат дека станува збор за 300.000 жители.
Според податоците, Градот Загреб, кој има најмногу жители и привлекува најголем лица од другите делови на земјата, од влегувањето на Хрватска во ЕУ го напуштиле околу 75.000 граѓани.
На конференцијата беше истакнато дека една од клучните причини за иселување од Хрватска, претежно во Европската Унија, е економското заостанување зад повеќето земји членки, но и општествено-политичките околности кои на младите луѓе не им нудат можности за вработување и развој, а со тоа ни за основање семејство и решавање на станбеното прашање.