Ihvan Radoykov
22 Март 2022•Ажурирај: 23 Март 2022
СОФИЈА (АА) - Бугарскиот претседател Румен Радев истакна дека одржувањето и поправката на воените авиони „МиГ-29“ може да се врши во Полска, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Радев се сретна со полскиот претседател Анджеј Дуда, кој се наоѓа во посета на Бугарија.
На заедничката прес-конференција одржана по средбата, Радев рече дека Полска може да ѝ помогне на Бугарија за продолжување на технолошкиот век на авионите „МиГ“, што ќе истече за една година.
Радев, борбен пилот и поранешен командант на воздухопловните сили, истакнувајќи дека проблемот со одржувањето на бугарската воена флота составена од 15 авиони „МиГ“ ја задржува својата важност, рече: „Доколку со сета сериозност не преземеме итни мерки за решавање на овој проблем со кој се соочуваме може да ризикуваме да ги закопаме нашите 110 години стари воздушни сили. Може да ја изгубиме доминацијата на сопствениот воздушен простор и да бидеме ослабени во нашата сојузничка мисија. Можеби ќе треба да побараме од нашите соседи да го заштитат нашиот воздушен простор.“
Полскиот претседател Анджеј Дуда, наведувајќи дека руската војна против Украина е неуспешна, рече: „Земјите на НАТО мора да ги зголемат своите национални одбранбени способности. Полските вооружени сили, исто така, набавуваат воени авиони ‘Ф-35‘, модерна артилерија и тенкови ‘Абрамс‘.“
Укажувајќи дека Европа треба да се ослободи од својата енергетска зависност од Русија, Дуда рече: „Русија сега јасно ни покажува што значи енергетски тероризам и уцена.“
Споредувајќи го нападот на руската Армија врз Мариупол со бомбардирањето на нацистичка Германија врз Полска во Втората светска војна, Дуда додаде: „На претстојниот самит на НАТО, од една страна, ќе се брани суверенитетот на Украина, од друга страна, ќе застанете обединети против Русија, која сака да ги прошири границите.“