Fatjon Cuka,Furkan Abdula
22 Март 2022•Ажурирај: 24 Март 2022
ТИРАНА (АА) - По доаѓањето на талибанците на власт во Авганистан, 212 Авганистанци што се засолнија во Албанија заминаа во САД, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на албанското Министерство за Европа и надворешни работи, утрово била одржана церемонија за збогување со Авганистанците кои ја напуштиле земјата.
На церемонијата присуствуваа албанските власти и претставници на американската Амбасада во Тирана.
Министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Олта Џачка, истакна дека операцијата за прием на 2.400 авганистански граѓани во земјата дополнително го зајакнала сојузот и пријателството меѓу Албанија и САД.
„Денес нашите пријатели заминуваат одовде. Се надевам дека секогаш ќе се сеќавате на Албанија и нејзиниот народ. Се надевам дека ќе се вратите и ќе нè посетите во иднина. Верувам дека оваа операција, евакуацијата и вашето засолнување ни помогна на сите нас. Оваа операција нè направи сите подобри луѓе и никогаш нема да го заборавиме ова искуство“, рече министерката Џачка.
Амбасадорот на САД во Тирана, Јури Ким, нагласувајќи ги напорите на Албанија за засолнување на авганистанските граѓани, истакна: „Албанија беше првата земја што рече: ‘Ние ќе помогнеме, вратите ни се отворени‘.“
„Она што го научив за време на моите 2 години во Албанија е дека албанскиот народ многу сериозно ја сфаќа одговорноста и можноста да ја отвори вратата за странец на кој му е потребна помош“, додаде Ким.
Според албанските власти, околу 2.400 авганистански државјани побарале засолниште во Албанија од август 2021 година.
Од нив 600 ја напуштиле земјата и заминаа во САД, Канада и некои европски земји.