Bedrudin Brljavac
17 Мај 2023•Ажурирај: 18 Мај 2023
САРАЕВО (АА) - Европската Унија е посветена на економскиот развој на регионот на Западен Балкан, изјави денеска комесарот за соседство и проширување на Европската Унија (ЕУ), Оливер Вархеји, во обраќањето на 12. Сараево бизнис-форум што се одржува во Сараево, јавува Анадолу.
„Тоа е навистина од клучно значење бидејќи ќе обезбеди огромни инвестициски можности и ќе помогне за вашиот европски пат. Но, за да ги остварите овие цели, Европската Унија веќе започна економски и инвестициски план. Овој финансиски план е наменет за клучни области како што се транспортот, енергијата, животната средина, дигиталната трансформација и поддршка на конкурентноста“, рече Вархеји во обраќањето преку видеоконференција.
Нагласи дека основниот план е креирање нови работни места и промовирање на социоекономскиот раст во регионот.
„Овие инвестиции се навистина важни за развојот на регионот, а со отстранување на препреките за трговија максимално ќе ги зголемите придобивките за економијата. Секако, за да се обезбеди успех на овие стратегии, клучна е соработката на приватниот и јавниот сектор“, рече Вархеји.
Тој порача и дека е потребно да се обезбеди адекватен амбиент за инвестиции, и дека инвестирањето во транспортот во регионот е од особена важност.
„Туризмот е исто така подрачје со значаен потенцијал. Важни се, исто така, и заштитата на животната средина, инвестирањето во обновливите извори на енергија, бидејќи сето тоа овозможува нови деловни можности, но и одржлива иднина за новите генерации. Во оваа смисла, Европската Унија е посветена на економскиот развој на Западен Балкан“, рече Вархеји.
Денес во Сараево официјално е отворен 12-тиот Сараево бизнис-форум (СБФ), меѓународна инвестициска конференција која ги собира најголемите деловни и политички лидери од регионот и светот.
Во следните два дена, Сараево бизнис-форумот ќе биде место каде што ќе се сретнат лидери од деловниот свет, инвеститорите и експертите и ќе разменуваат знаења, идеи и искуства. Преку низа панели, презентации и разговори, учесниците ќе имаат можност да се запознаат со деловните можности во регионот и светот.
Овогодинешниот Форум ќе се фокусира на клучни теми како дигитализацијата, иновациите, економскиот раст и развој, инвестициите, како и голем број инфраструктурни проекти.
Учесниците ќе имаат можност да слушнат реномирани експерти и говорници од различни индустрии, кои ќе ги споделат своите знаења, искуства и најдобри практики. Организаторите го потврдија учеството на над 2.000 учесници од повеќе од 50 земји од светот и над 200 акредитирани новинари.