Husamedin Gina
24 Март 2021•Ажурирај: 25 Март 2021
СКОПЈЕ
Портпаролот на Владата на Северна Македонија, Душко Арсовски, истакна дека се апсолутно убедени дека нема простор за никаков здравствен ризик на сите што ќе бидат вклучени во процесот на попишување на населението, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија, Душко Арсовски и Муамет Хоџа, денеска одржаа заедничка прес-конференција, на која се осврнаа на Пописот на населението, домаќинствата и становите закажан за април оваа година и за одлуките на Владата на вчерашната седница.
На прес-конференцијата исто така присуствуваше и Јасмина Ѓоргиева, портпаролката на Државниот завод за статистика.
Портпаролот Арсовски, истакнувајќи дека Пописот во услови на пандемија е целосно безбеден, рече дека граѓаните треба да бидат спокојни и дека здравствениот протокол е изготвен до најситен детаљ за да се заштити здравјето и на попишувачите и на попишаните.
Арсовски рече дека учеството во Пописот е задолжително, при што додаде дека тоа претставува одговорност на секој граѓанин кон државата.
„Повикот и бојкотот на Пописот е кривично дело, тоа е исто што и организирање отпор и непослушност кон законите, одлуките и мерките на државен орган опфатени со членот 387 од Кривичниот законик. Предвидува парична казна или затвор до 3 години за оној што ќе организира друг отпор и непослушност“, рече Арсовски.
Портпаролот на Владата на денешната прес-конференција одговараше и на новинарски прашања.
Во однос на тоа дали може Владата да гарантира дека нема да се зголеми бројот на заразени и на починати во текот на Пописот, Арсовски рече дека се апсолутно убедени дека нема простор за некаков здравствен ризик на сите што ќе бидат вклучени во процесот на попишување.
На новинарско прашање, зашто не се поднесува тужба за кривично дело на организацијата која под мотото „Не отворај врата“ повикува на бојкот на Пописот, портпаролот Арсовски рече дека институциите апсолутно ќе го применуваат законот.
Според последните податоци, како што рече Арсовски, последната бројка на самопопишаните во дијаспората изнесува 137.114 и темпото на попишување забележливо се зголемува.
Јасмина Ѓоргиева, портпаролката на Државниот завод за статистика, осврнувајќи се на кампањата за текот на Пописот во дијаспората, истакна дека во следните денови ќе се организира една онлајн работилница во која ќе бидат вклучени голем број здруженија и асоцијации на наши граѓани во странство од различни континенти.
Ѓоргиева, одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека во САД досега се потпишани 5.110 лица, во Австралија 1.682, а во Канада - 1.215 лица.
Од друга страна, портпаролот на Владата, Мухамед Хоџа, информира за заклучоците на Владата од вчерашната седница.
Во контекст на одобрувањето на гасната инфраструктура, портпаролот Хоџа информира дека Владата на Северна Македонија на вчерашната седница го разгледа и го прифати текстот на усогласениот договор меѓу владите на Северна Македонија и Грција за изградба на интерконекцијата за пренос на природен гас.
„Со овој договор за заедничка изградба на интерконекторот со Грција ќе се овозможи гасно поврзување на Централна и Југоисточна Европа, со цел унапредување на диверзитетот и конкурентноста на снабдувањето со природен гас и обезбедување сигурност во снабдувањето на регионот“, нагласи Хоџа.
Додавајќи дека вкупната вредност на проектот изнесува 103 милиони евра, Хоџа рече дека македонскиот дел со должина од 68 километри, ќе чини 55 милиони евра и дека најголемиот дел на финансиските средства ќе се обезбедат од меѓународните финансиски институции.