Admir Fazlagic
19 Јануари 2021•Ажурирај: 20 Јануари 2021
СКОПЈЕ
Владата на Република Северна Македонија на денешната 40-та седница, по препорака на Комисијата за заразни болести, донесе измени на одлуката на работното време на рестораните и другите угостителски објекти, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Согласно одлуката, која ја објави прес-службата на Владата, од 21 јануари се укинува одлуката за ограничување на работното време на рестораните и другите угостителски објекти за работа до 18:00 часот.
„Со одлуката од денешната седница се враќа работното време на овие објекти утврдено со претходната одлука, односно тие ќе можат да работат до 21:00 часот, со исклучок на рестораните и другите угостителски објекти на аеродромите, на бензинските пумпи и во хотелите кои од 21 јануари ќе можат да работат со редовното работно време согласно законот", се наведува во соопштението на Владата.
Министерот за здравство на Северна Македонија Венко Филипче, на социјалните мрежи информираше за оваа одлука и додаде:
„Следната недела откако ќе ја анализираме епидемиолошката состојба во земјата, можно е дополнително олабавување на мерките, односно работното време на угостителските објекти да биде до 23 часот."
Според последниот извештај на Министерството за здравство, вкупната бројка на евидентирани случаи на Ковид-19 од почетокот на епидемијата во земјата изнесува 89.392, додека вкупната бројка на починати од овој вирус во земјата е 2.726.