Admir Fazlagic
20 Ноември 2020•Ажурирај: 22 Ноември 2020
СКОПЈЕ
Владата на Република Северна Македонија на денешната 23-та седница донесе Одлука за постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти прес-службата на Владата на Северна Македонија, одлуката е донесена заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација од заразната болест Ковид-19 и заради спречување од негово ширење во зголемен обем со што се загрозува безбедноста на здравјето на населението.
Одлуката доаѓа по предлогот на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, по претходен предлог на Групата за процена. Претходно на седница, Советот за безбедност препорача прогласување кризна состојба на целата територија на Република Северна Македонија, со цел ефикасно справување со последиците од кризата заради корона-кризата.
„Периодот за постоење на кризна состојба на територија на Северна Македонија е во траење од 30 дена, почнувајќи од 20 ноември 2020 година и за оваа Одлука Владата ќе го извести Претседателот на Република Северна Македонија и Собранието. Истовремено, Владата ќе му предложи на Претседателот на Република Северна Македонија да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата (вид и број на сили и капацитети на армиските единици, намена и задачи за кои се бараат и времетраењето на активноста и ангажираноста на армиските единици) во справување со кризната состојба", се вели во соопштението.
„Владата заклучи, Главниот штаб при Центарот за управување со кризи веднаш да започне со подготовка на Акциски план за превенција и справување со ширењето на заразната болест Ковид-19 (коронавирус), како и целосен преглед за расположливи човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување", информираат од Владата.
„Владата донесе заклучок и Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за здравство, Армијата, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, сите расположливи капацитети и ресурси да ги стават во функција на справување со кризната состојба", се додава во соопштението.
Потсетуваме, поради состојбата со Ковид-19, Владата на РСМ на 13 март донесе одлука за воведување кризна состојба во општините Дебар и Центар Жупа во времетраење од 30 дена.
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски за првпат вонредна состојба низ земјата прогласи на 18 март. Потоа, неколку пати следуваа одлуки за вонредна состојба, која траеше до 14 јуни, кога претседателот на државата целосно ја укина оваа мерка.
Моментално, во Северна Македонија во сила се неколку мерки против ширењето на пандемијата, вклучувајќи го задолжителното носење маски во затворени и отворени простории, работа на хотелиерските објекти, рестораните и кафулињата до 21:00 часот, како и забранување на собири повеќе од четири лица во внатрешни или надворешни простори.
Според последниот извештај на Министерството за здравство, вкупната бројка на дијагностицирани случаи со Ковид-19 во земјата достигна 52.449. Вкупната бројка на смртни случаи во земјата од Ковид-19 се искачи на 1.462.