Husamedin Gina
09 Септември 2021•Ажурирај: 10 Септември 2021
СКОПЈЕ
Со едноминутно молчење во знак на почит кон жртвите од трагичниот пожар во модуларниот ковид-центар во болницата во Тетово, и во знак на сочувство со нивните семејства, Владата на Северна Македонија на денешната вонредна седница донесе одлука да биде прогласена тридневна жалост на територијата на целата држава, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според писменото соопштение од Владата, за денови на жалост се прогласени денес, утре и задутре (четврток, петок и сабота), а за време на деновите на жалост, знамето на Република Северна Македонија ќе биде истакнато на половина копје.
Владата апелира до сите општествени чинители да ги одложат сите јавни и приватни прослави, забави, културно-уметнички и спортски настани, партиски и друг тип на промоции предвидени за овие три дена.
На оваа седница, како што се нагласува во соопштението, министрите за внатрешни работи и за здравство информираа за досега утврдената состојба од пожарот со трагични последици и истакнаа дека увидот за утврдување на причините продолжува и денеска.
Во оваа насока Владата донесе заклучок со препорака стручните тимови на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за здравство да се стават на максимално располагање на Обвинителството во истражните постапки.
Меѓу другото, Владата ги задолжи надлежните институции да утврдат каков тип на дополнителна помош и поддршка се потребни за семејствата на загинатите и повредените, со цел тие да бидат обезбедени во најкраток временски рок.
Како што пишува во писменото соопштение, Владата им се заблагодарува на сите држави од регионот, од Европа и од светот, за изразеното сочувство за трагичниот настан и донесе одлука да ја прифати понудата на дел од сојузничките сили во НАТО да испратат во земјата стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги за пожари за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот во модуларниот ковид-центар во болницата во Тетово.
Инаку, во синоќешниот пожар кој го зафати ковид-центарот во Тетово загинаа 14 лица.