Husamedin Gina
08 Март 2022•Ажурирај: 09 Март 2022
СКОПЈЕ (АА) – Гордана Кожуваровска, претседателката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, базирајќи се на статистичките податоци истакна дека жената е безбеден возач и дека мал е процентот на сообраќајни незгоди предизвикани од жени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во соработката со Министерството за внатрешни работи, Скопје Сити мол и Здружението на љубители на класик мини и пежо 404 денес пред платото на Сити мол, по повод 8 Март - Меѓународниот ден на жената, организираа настан под мотото „Намали ја брзината, зголеми ја сообраќајната култура“.
Во изјавата за медиумите Гордана Кожуваровска, претседателката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, честитајќи го 8 Март - Меѓународниот ден на жената, рече дека да се биде жена возач во 21 век не е ниту привилегија, ниту општествен статус, туку секојдневна потреба.
„Според статистичките податоци жената е безбеден возач, мал е процентот кога жената е предизвикувач на сообраќајните незгоди. Но морам да потенцирам, поголем е бројот на жени кога управуваат моторно возило и зборуваат на мобилен телефон“, нагласи Кожуваровска.
Во рамките на настанот,Здружението на љубители на класик мини и пежо 404 организираше изложба на ретро aвтомобили.
Меѓу другото, во склоп на настанот беше организиран почесен круг низ центарот на градот, под мотото „Намали ја брзината, зголеми ја сообраќајната култура“, во кој активно учество зедоа успешни жени од различни професии како што се возач на автобус, пилот, полицаец и пожарникар.