Edıta Zekjırovıkj
08 Март 2022•Ажурирај: 11 Март 2022
СКОПЈЕ (АА) – Личните приказни, искуствата што луѓето ги стекнуваат во текот на животот во одредени моменти ги поттикнуваат да преземат чекори за да се активираат општествено и да дадат свој придонес за подобрување на состојбите.
Токму таква е приказната на активистката Дороти Пачкова, основач на „Една може“, организација која се бори за правата и подобрување на условите за живот на самохраните мајки во Северна Македонија.
За своето искуство во активизмот, мотивите да го иницира создавањето организација што ќе им помага на самохраните мајки, како и за целите, проблемите и предизвиците со кои се соочува оваа општествена категорија, во разговор со Агенција Анадолија (АА) зборуваше Пачкова.
- Недостоинствен живот на самохраните мајки
Пачкова открива дека идејата да ја создаде организацијата доаѓа од самото нејзино навлегување во самохраноста, притоа и од комуникацијата со други самохрани мајки чии приказни говорат за злоупотреба и дискриминација, за неможности за излегување на пазарот на трудот и општествена интеграција.
„Болката да се живее така недостоинствено беше мојата мотивација да го создадам сево ова, затоа што сум самомотивирана од визијата која многу често ја гледам пред очи. Мојата визија е свет со еднакви можности за сите деца и жени“, вели Пачкова.
Во јавноста постои искривена слика во однос на тоа што значи да се биде самохрана мајка, а Пачкова раскажува за искуствата од активизмот низ кои се открива тешкиот живот на мајките и нивните деца, борбата да се преживее денот.
„Имаме дојави секојдневно кои зборуваат за дечиња кои немаат што да јадат, дечиња кои ги исклучиле од училишните кујни затоа што мајките не можеле да го подмират месечниот трошок за хранарина во училиште, за избркани мајки на улица и исфрлен мебел на сред зима, и за насилство и ризик од највисок степен на сиромаштија“, објаснува Пачкова.
- Мисијата на „Една може“
Здружението „Една може“ будно ги следи сите промени што се случуваат на институционално ниво, каде се вклучени еднородителските семејства, се залага за нивните права и секојдневно подготвува анализи и истражувања за откривање на нивните потреби, како и за изнаоѓање решение.
Одржува обуки за едукација за родова еднаквост, права и економска слобода на жените.
„Развиваме социјално претприемништво, социјални претпријатија и ги охрабруваме девојките и жените во суштина, економската слобода да ја земат во свои раце или да направат нешто за сопствените животи што ќе ги однесе поблиску до еднакви права и можности преку формирање на сопствени бизниси“, вели Пачкова.
- Обединување на самохраните мајки
„Една може“ брои 5.000 членки, а има околу десет подружници во градовите на територијата на Северна Македонија, но здружението и регионално ги обединува самохраните мајки.
„Во таа мрежа имаме членки и организации, меѓу кои и организации за човекови права, па така регионално или на ниво на Балкан го решаваме проблемот на самохраноста. Она кое ние како експертска организација на овој дел на Балканот го имаме стекнато како искуство и знаење низ годините, го разменуваме со другите женски организации, каде што ги остручуваме на некој начин, за да можеме да постигнеме промени“, објасни Пачкова.
- Прв протестен марш во Северна Македонија на самохраните мајки
„Една може“ на 13 февруари годинава го организираше првиот протестен марш на самохраноста и еднородителството во Северна Македонија, со повик кон институциите за праведност и поддршка.
Дороти, честитајќи го Денот на жената, упати порака до самохраните мајки да бидат силни, охрабрувајќи ги да не се плашат да стават крај кога ќе почувствуваат дека почитта не им е пружена и да не се плашат да го земат сопствениот живот во свои раце.