Furkan Abdula
29 Јануари 2021•Ажурирај: 01 Февруари 2021
СКОПЈЕ
Во Скопје денеска се одржа протест на семејствата на обвинетите во случајот „Монструм“, поради незадоволството од работата на Обвинителството, јавува Агенција Анадолија (АА).
Демонстрантите, чија бројка изнесуваше над 1.000, најпрвин се собраа кај паркот во општина Чаир, а потоа маршираа низ скопските улици. Нивната крајна дестинација беше Железниот мост во Скопје кој се наоѓа до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и Министерството за надворешни работи.
Во текот на протестот, демонстрантите извикуваа различни пароли, меѓу кои и пароли против обвинителката Фатиме Фетаи, и носеа транспаренти со различни написи, како „Нема правда, нема мир“, „Одложена правда е негирана правда“, „Кога неправдата станува закон, отпорот станува обврска“ и „Правда и слобода“.
Додека еден од организаторите се подготви да даде изјава за медиумите, мал дел од демонстрантите фрлаа предмети и звучни бомби кон полицијата. Организаторите на протестот ги отстранија овие лица со цел состојбата да не ескалира и порачаа дека се собрани на мирен и достоинствен начин да го изразат своето незадоволство од судскиот процес за случајот „Монструм“.
Во име на организаторите, Бедри Ајдари даде изјава за медиумите, во која ги истакна нивните барања како организатори на овој протест.
Ајдари рече дека сите докази покажуваат дека овој случај е политички монтиран случај, и дека тие како семејства не ги едуцирале нивните деца да вршат убиства и терористички акти, туку, напротив, рече тој, секогаш ќе ги осудуваат ваквите нехумани акти и секогаш ќе ги поддржуваат невините.
Потсетувајќи се на изјавата на премиерот Зоран Заев, кој пред да стапи на премиерска функција рекол дека овие луѓе се невини, Ајдари побара од Заев да разјасни врз основа на што го истакнал тоа.
Ајдари нагласи дека бараат да се спроведуваат актуелните закони во земјата, додавајќи дека „правниот систем во земјата е корумпиран."
Според него, сите овие демонстранти се собрале зашто веруваат дека треба правда за сите политички монтирани случаи, а потоа ги наброи нивните барања.
„Бараме да се разреши обвинителката Фатиме Фетаи која ја извршила наредбата на политичките страни и црната рака под сенка на надлежните институции во Северна Македонија. Бараме од Судскиот совет во случајот да не го зема предвид барањето на Обвинителството, кое е нелегално.
Изразуваме жалост за жртвите и нивните семејства кои се погодени во овој случај, бидејќи нивната болка нема да запре сѐ додека вистинските убијци не излезат пред правдата, додека вистинските убијци се заштитени од страна на самиот систем на државата и се движат слободно.
„Бараме помош од дипломатските претставници акредитирани во Северна Македонија, од Европската Унија (ЕУ) и од САД да помогнат во овој случај, но и другите политички монтирани случаи да се третираат од независен аспект, а не како што работи актуелното Обвинителство, од аспект на политичките интереси на различни страни“, додаде Ајдари.
Демонстрантите бараат разрешување на обвинителката Фатиме Фетаи на 21 јануари оваа година, откако во завршните зборови на Обвинителството во случајот „Монструм“ побара највисоки казни.
Инаку, обвинителката Фатиме Фетаи во своето завршно обраќање напишано на 70 страници, рече дека двајцата кои се во бегство, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, го извршиле убиството. Хаки Азири е обвинет дека им помогнал, но без да знае дека тие извршиле убиство. Што се однесува до Фејзи Азири, обвинителката него го обвини дека им помогнал на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ да избегаат. За обвинетиот Сами Љута, обвинителката Фетаи рече дека обвинението е повлечено поради недостиг на докази.
- Случај „Монструм”
Судењето за случај „Монструм” започна на 20 декември 2012 година. Во овој случај на 12 април 2012 година се убиени пет лица кај Смилковско Езеро.
Во јуни 2014 година, шест обвинети лица во процесот „Монструм“ се осудени на доживотна казна затвор. Едно лице беше ослободено од обвинението.
Врховниот суд на 24 ноември 2017 година донесе одлука предметот „Монструм“ да се отвори повторно, а осудените лица да се пуштат од затвор под мерка на претпазливост.
На 3 февруари, одбраната ќе има завршни зборови, додека Судот треба да определи друг термин за изрекување на пресудата за случајот „Монструм”.
Во повеќе наврати семејствата на обвинетите изразуваа незадоволство од судскиот процес, истакнувајќи дека се работи за монтиран процес и дека обвинетите се невини.