Admir Fazlagic
29 Јануари 2021•Ажурирај: 01 Февруари 2021
СКОПЈЕ
Во организација на Државниот завод за статистика (ДЗС), во Собранието на Република Македонија се одржа средба на државниот врв со претставниците на сите општини во државата во чиј фокус беше спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите кој треба да се одржи во април оваа година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во рамките на настанот свое обраќање имаше претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој истакна дека овој попис ќе се спроведува во несекојдневен период со оглед на пандемијата од коронавирусот (Ковид-19), истакнувајќи дека проблемите поврзани со пописот не се ниту законски, ниту уставни, ниту технички, ниту здравствени, туку „најголемиот предизвик при неговата имплементација може да биде само непотребната политизација која во јавноста се креира извесен период наназад“.
„За жал, точно е дека на Балканот правата на луѓето сѐ уште се гледаат низ етничка призма и пописот не се перципира како статистичка операција, туку како политички проект. Затоа, кога се пребројуваме во регионот, ние сѐ уште веруваме дека силата е во бројките и дека само од тие бројки зависат нашите права“, рече Пендаровски, и истакна:
„Во една демократска држава со европска иднина стекнатите права не смеат да се одземаат, туку само да се зголемуваат и тоа треба да важи за сите граѓани, независно од нивната бројка. Во таа смисла, политизацијата на пописот е само дефокусирање од реалните проблеми со кои се соочуваат македонските граѓани, а тие се најмногу во социоекономската сфера, владеењето на правото и како нивна последица, иселувањето. Ако постои една работа којашто навистина треба да нѐ исплаши сите нас, тоа е бројката на иселени граѓани“, потенцира Пендаровски.
Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, во своето обраќање на настанот се осврна на важноста на сериозноста институциите кои ќе работат на спроведувањето на пописот да одговорат на висина на својата задача, почнувајќи од ДЗС, министерствата кои за целите на пописот соработуваат со Заводот, Единиците на локалната самоуправа и сите чинители кои се вклучени во планирањето и подготовката на пописот кој се рангира како активност од висок државен интерес.
„Секоја од нив има и дава огромен придонес во квалитетното спроведување на пописот, а резултатите од него ќе бидат одлична основа за донесување закони и развојни политики засновани врз прецизни податоци кои повторно ќе бидат од директна полза на граѓаните во единиците на локалната самоуправа, коишто врз основа на прецизни статистички податоци ќе можат да исползуваат доволен удел од буџетот за финансирање на локалните училишта, градинки, здравствени установи, културни установи, јавен превоз, патна, енергетска и друга инфраструктура која е од суштинско значење за граѓаните затоа што токму тие, во нивното секојдневие ќе можат лично и реално да ја почувствуваат успешноста или пак неуспешноста на локалната власт во олеснувањето и подобрувањето на квалитетот и стандардот на животот на нивните семејства и домаќинствата“, истакна Џафери.
Тој изрази надеж дека месец април ќе биде потврда за тоа дека сме созреале како држава, по цели 20 години и дека сме подготвени да бидеме полноправна членка на европското семејство во блиската иднина.
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, рече дека за повеќе од два месеци Република Северна Македонија ќе ја спроведе најважната статистичка операција - попис, истакнувајќи дека инсистира на терминот статистичка операција, затоа што, како што рече, според законските решенија пописот ќе се реализира исклучиво како статистичка операција согласно стандардите на Обединетите нации и Евростат, односно според врвните глобални и европски практики, „за никогаш повеќе да не се третира како политичко прашање“.
„Пред нас стои голема задача да го поддржиме спроведувањето на Пописот на населението, на домаќинствата и живеалиштата кој ќе даде реална фактографска слика за состојбата во државата. Со неговото успешно спроведување конечно ќе ги исправиме и последиците предизвикани од огромната недозволиво голема пауза од 20 години од последниот релевантен попис“, рече Заев.
На денешниот настан во Собранието, освен претседателот Пендаровски, претседателот на Собранието, Џафери, премиерот Заев, присуствуваа и министерот за правда, Бојан Маричиќ, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов, директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски и градоначалниците на општините.
Пописот ќе се спроведува во периодот од 1 до 21 април 2021 година, со употреба на пренослив компјутер, на посебна апликација, при што задолжително ќе се применуваат технички и организациски мерки согласно прописите од областа на заштитата на личните податоци.