Abdula Berisha
15 Април 2019•Ажурирај: 18 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) - Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) на Северна Македонија е домаќин на Генералното собрание и на состаноците на Комитетот за цени и тарифи и Комитетот за лиценцирање и конкурентност на Регионалната асоцијација на енергетските регулатори (ЕРРА), јавува Anadolu Agency (AA).
Генералното собрание се одржува во понеделник и вторник во Скопје, а на него покрај претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, ќе присуствува и претседателот на Претседателството на ЕРРА, Март Отс.
Отс им се заблагодари на домаќините за организирањето на Генералното собрание, истакнувајќи дека Северна Македонија е активна членка на организацијата ЕРРА.
„Тоа што е многу важно за нашата организација е прашањето на независност на регулаторните тела“, истакна Отс, додавајќи дека регулаторните тела некогаш треба да донесат непопуларни одлуки.
Отс објасни дека на дводневното Генерално собрание ќе имаат состаноци разните работни тела на Организацијата.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, рече дека ЕРРА е едно од најголемите светски здруженија на регулаторни тела, додавајќи дека РКЕ ја има честа да организира „еден од најбитните настани на годината, Генералното собрание“.
„Регулаторната комисија за енергетика започна со своето членство во ЕРРА во 2004 година и досега е една од најактивните членови. Во овој момент имаме и претседавач на една од работните групи“, рече Бислимоски.
ЕРРА, со седиште во Будимпешта, е стручна асоцијација на независни регулаторни тела основана во 2001 година, во која учествуваат земји од Европа, Азија, Африка, како и Јужна и Северна Америка. Главната цел на Асоцијацијата е да ја подобри соработката меѓу енергетските регулатори, како и да ја подобри националната енергетска регулатива во земјите членки.