Admir Fazlagic
16 Април 2019•Ажурирај: 18 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) - Комисијата за заразни болести донесе заклучок да биде прогласена епидемија на мали сипаници на територија на целата држава, соопштија од Инстутот за јавно здравје на Северна Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Доктор Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје изјави дека прогласувањето на епидемијата е со цел да се спроведат дополнителни мерки за да се спречи натамошното ширење, да се намали бројот на нови инфекции и да се спречат тешките форми на ова заболување.
Како што рече тој, една од мерките е забраната за посета на градинките, втората мерка која е предложена е да се намали возраста за вакцинирање од 12 месеци на шест месеци, бидејќи, речиси 100 деца се на возраст под една година и тие се највулнерабилна група за тешки форми на заболувањето.
„Дополнително бидејќи имаме заболени меѓу повозрасните лица кои по редовниот календар не подлежат на вакцинација, Комисијата донесе одлука да се зголеми возраста за вакцинација, така што секое лице постаро од 14 години ќе може слободно да се вакцинира во центрите за јавно здравје односно на возраст од 14 до 60 години", рече Микиќ.
Тој информираше дека другиот сет мерки, што е предложен, е сите здравствени работници на територија на цела држава да мора да се вакцинирани со две дози на МРП вакцина.
Микиќ истакна дека се забрануваат посетите на болниците и таа мерка мора да се почитува со цел да се намали можноста за внес на нова инфекција во болнички услови, а негувателките во градинките ќе бидат задолжително проверени за нивниот вакцинален статус и ќе треба да бидат уредно вакцинирани.
„Повеќе од 70 деца со мали сипаници се хоспитализирани, од кои 55 се на Клиниката за инфективни болести, а 15 на Клиниката за детски болести. Од нив повеќе од седум се во потешка состојба, но сите се хоспитализирани бидејќи имале компликации од мали сипаници, рече Микиќ.
Заклучоците на Комисијата за заразни болести се донесени бидејќи веќе се пријавени 961 случај со морбили во Северна Македонија.
Во последната недела повеќе од 60 отсто од пријавените случаи кои се највисоки на неделно ниво биле надвор од Скопје, веќе шест центри за јавно здравје имаат прогласено епидемија на мали сипаници со вкупно население кое е повеќе од половина односно 55 отсто од територијата на државата.