Admir Fazlagic
02 Мај 2017•Ажурирај: 02 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - По насилните настани во Собранието на Република Македонија, собраниските служби работат на расчистување на нередот и на враќање во функционална состојба на просториите во Собранието, јавува Anadolu Agency (AA).
Вратите од прес-центарот на Собранието на Република Македонија, во кој се случија нередите се пломбирани. Од службите во Собранието велат дека пристап до прес-центарот ќе има откако јавен обвинител ќе заврши со увидот во просторијата.

Во собраниската зграда се расчистуваат оштетувањата што беа направени за време на нередите во четвртокот. Во ходниците, сеуште стои расфрланиот мебел, а службите задолжени за одржување на хигиена ги чистат просториите.
Потсетуваме дека вечерта на 27 април, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, од страна на парламентарното мнозинство предводено од Социјалдемократскиот сојуз, во хаотична ситуација, демонстрантите симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ кои се собраа пред зградата на Парламентот, влегоа на сила во зградата. Како резултат на насилството од страна на демонстрантите кон пратениците, беа повредени околу 100 луѓе, вклучувајќи и пратеници, полицајци и претставници на медиумите.