Admir Fazlagic
28 Април 2017•Ажурирај: 28 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денешното продолжение на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија нема да се одржи и за продолжението ќе има дополнително известување, пренесува Anadolu Agency (AA).
„По вчерашните случувања во зградата на Собранието на Република Македонија причинета е материјална штета и дел од работните простории, прес-центарот, како и сала „Македонија“ се надвор од употреба", соопштија од Одделението за односи со јавноста и јавно информирање на Собранието на Република Македонија.
Од таму велат дека согласно законската регулатива надлежните институции превземаат чекори за ставање во функција на истите и утврдување на штетата.
Се прават напори за враќање во првобитната состојба во најкус рок, со што ќе се создадат услови за работа на Собранието.
Со 62 гласа „за“, во хаотична атмосфера во Собранието, парламентарното мнозинство го избра пратеникот од ДУИ, Талат Џафери за претседател на Собранието. Потоа следуваа инциденти пред Собранието и внатре во Собранието, кога насилно во Собранието влегоа дел од собраните граѓани кои протестираа пред зградата на Собранието.
Министерство за внатрешни работи информираше дека безбедносната состојба во централното градско подрачје, околу и во собранието е нормализирана со воспоставување на нарушениот јавен ред и мир. Според соопштението на МВР, во вечерашните инциденти пред и во Собранието, повредени се 70 граѓани, 22 полициски службеници и тројца пратеници.