Bojana Stojanovic
10 Јули 2020•Ажурирај: 10 Јули 2020
БЕЛГРАД
Во Србија 18 лица починаа од последиците на Ковид-19 во изминатите 24 часа, заразени се 386 лица, а на респиратори се наоѓаат 130 пациенти, изјави денеска претседателката на Владата на Србија, Ана Брнабиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Таа во Белград наведе дека од 8.646 тестирани, 386 се позитивни на Ковид-19, и дека во овој момент состојбата е најкритична во Белград, потоа во Шабац, Крагуевац и во Нови Пазар.
„Ние не гледаме некое значително подобрување во бројките од воведувањето на новите мерки и уште повнимателно ќе го следиме понатамошниот развој на епидемиолошката ситуација за да реагираме понатаму со адекватни мерки“, изјави таа.
Уште 18 лица починаа во последните 24 часа, што значи дека досега починаа 370 лица.
„Немам што друго, освен повторно, не да ги молам, туку да ги преколнувам граѓаните строго да се придржуваат до сите мерки кои ги објави не само Кризниот штаб туку и Светската здравствена организација“, изјави таа.
Како што изјави таа, најефикасна мерка е воведување вонредна состојба и полициски час за време на викендот, но овој пат имаат поразличен начин, бидејќи ова е борба која ќе трае долго.
Брнабиќ наведе дека за неа протестите не се ништо друго освен крајно несериозно и неодговорно однесување.
„Ги преколнувам сите граѓани на Србија во ова да бидеме заедно. Ова не е политичка борба, не е борба ниту за Вучиќ ниту за Брнабиќ. Овој вирус е таков што ова е борба на сите нас поединечно“, додаде таа.
Претседателката на Владата ги замоли луѓето да не се собираат, да ја разберат демократијата, но дека поради коронавирусот не е време за политика.