Aldijana Hadzic
28 Ноември 2020•Ажурирај: 29 Ноември 2020
ЗАГРЕБ
Во последните 24 часа забележани се 3.987 нови случаи на заразување со коронавирусот (Ковид-19), со што бројката на активни случаи во Хрватска денес изнесува 23.573, јавува Агенција Анадолија (АА).
Меѓу нив се 2.221 пациент на болничко лекување, од кои на респиратор се 262 пациенти.
Починаа 55 лица.
Од 25 февруари 2020 година, кога е забележан првиот случај на заразување во Хрватска, до денес вкупно се забележани 123.693 лица заразени со новиот коронавирус, од кои 1.655 починаа, а вкупно оздравеа 98.465 лица, од кои 2.767 во последните 24 часа.
Во самоизолација моментално се 51.247 лица.
До денес се тестирани 736.102 лица, од кои 11.282 во последните 24 часа.
„Придржувањето до сите досега донесени мерки и упатства е од клучна важност, бидејќи со одговорно однесување можеме да го намалиме ширењето на заразата на Ковид-19. Секој мора да биде свесен за одговорноста за сопственото здравје, здравјето на семејството и сограѓаните“, се наведува во соопштението на Центарот за цивилна заштита.
- Нови епидемиолошки мерки
Од полноќ во Хрватска стапија во сила новите епидемиолошки мерки кои опфаќаат низа подрачја со цел спречување на ширењето на Ковид-19.
Според одлуката на Центарот за цивилна заштита, најмалку до 21 декември, зависно од бројот на заразените по овој период на рестрикции, затворени се кафулињата, рестораните, теретаните, а ограничен е и бројот на верниците во црквите.
Се прекинуваат сите спортски натпреварувања и тренинзи, освен за спортистите од прва, втора и трета категорија во поединечни спортови.
Се забрануваат свадби, а на јавните собири ќе можат да присуствуваат најмногу 25, додека на приватните 10 лица. Јавниот превоз се ограничува на 40 отсто од капацитетот, така што трамвајот во Загреб и автобусите го имаат на вратите истакнато максималниот број лица што можат истовремено да бидат во возилото.