Bojan Bednar
28 Февруари 2023•Ажурирај: 01 Март 2023
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска не сакаше да зборува за европскиот предлог за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, за кој вчера во Брисел разговараше со косовскиот премиер Аљбин Курти, шефот на европската дипломатија Жозеп Борел и со специјалниот претставник на Европската Унија (ЕУ) за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак. Вучиќ истакна дека вечерва ќе зборува „за сите теории на заговор“ и дека ќе им „објасни сè на сите неодговорни луѓе“, јавува Анадолу.
Вучиќ по потпишувањето на првата транша од инвестицискиот грант за делницата на железницата Белград - Ниш, во рамките на финансискиот пакет на ЕУ за железничкиот Коридор 1, на заедничката прес-конференција со европскиот комесар за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, рече дека вечерва ќе зборува за сите „невистини и манипулации“, но и за иднината на Србија „која е многу поважна“.
„Добив признание од двајцата наши европски соговорници за многу конзистентната и постојана политика и ставови што ги искажав“, рече Вучиќ.
Говорејќи за грантот потпишан денеска, Вучиќ изјави дека проектот за брза железница од Белград до Ниш ќе чини 2,77 милијарди евра и дека Европската Унија за таа работа на Србија ќе ѝ даде 610 милиони евра.
Тој посочи дека мора многу да се инвестира во централна и јужна Србија и нагласи дека целта е Ниш да се поврзе не само со Белград, туку и со Солун, Атина и Истанбул.
Тој појасни дека Србија од својот буџет ќе инвестира 525 милиони евра, а останатите ќе ги финансира од кредитот од Европската инвестициска банка во вредност од 1,5 милијарди и заем од Европската банка за обнова и развој од 1,1 милијарда евра под најповолни можни услови.
Вучиќ рече дека кога ќе завршат работите во 2027 година, од Ниш до Белград со воз ќе бидат потребни 40 минути.
Тој посочи дека денес на таа делница се патува шест часа, а дека пред 1884 година, кога била изградена железницата, со воз од Белград до Ниш биле потребни седум часа и 58 минути, оценувајќи дека ништо не се сменило за 130 години.
„Сега ја менуваме Србија со помош и поддршка на ЕУ бидејќи нема да можеме да најдеме пари за тој проект, а луѓето во Србија треба да го знаат тоа“, посочи Вучиќ.
Европскиот комесар Вархеји рече дека железницата Белград - Ниш е од големо регионално значење бидејќи ќе биде „’рбетот на главната трговска рута“ што ќе ја поврзува Србија не само со северот, туку и со Црна Гора, Бугарија, Северна Македонија и Грција.
Тој додаде дека тоа ќе донесе локален економски раст и нови работни места и нагласи дека ваква инфраструктура му е потребна на секој инвеститор.
Вархеји истакна дека специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Лајчак, наскоро ќе дојде во главниот град на Србија и дека ќе одговара на прашања во врска со дијалогот.