Elvır Hodzıc
10 Септември 2022•Ажурирај: 12 Септември 2022
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека во петокот пратениците на најмоќните европски земји Германија и Франција, Јенс Плетнер и Емануел Бон, и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград - Косово, Мирослав Лајчак, кои ја имаат поддршката на САД и Туркије, изјавиле дека во услови на војна во Европа, не се потребни нови судири и дека е потребно да се дојде до решение на косовскиот проблем што е можно поскоро, известува Агенција Анадолија (АА).
Вучиќ во своето обраќање до нацијата по седницата на Советот за национална безбедност на Србија, што се одржа утрово, истакна дека Србија добила предлог од најмоќните европски земји за „потполно нова арматура“ на разговорите и преговорите во Брисел што би требало да доведат до скоро и конечно решавање на сите неразрешени прашања во врска со Косово.
Тој наведе дека суштинскиот договор меѓу Белград и Приштина во согласност со интересите на западните земји би значел „признавање на сѐ она што тие мислат дека е реалност“, но повторно повтори дека Србија нема да ја признае независноста на Косово.
Претседателот Вучиќ нагласи дека големите западни сили и Туркије сакаат решавање на проблемите на Косово бидејќи во Европа се води војна, бидејќи Европа мора да се брани и дека во согласност со договорот меѓу Белград и Приштина, на европските земји би им било многу полесно да му пружат јасен одговор на рускиот претседател Владимир Путин по прашањето на правниот преседан и давањето независност на Косово.
Вучиќ објасни дека западните земји во случај на постигнување договор меѓу Белград и Приштина, би му укажале на Путин дека тој договор е постигнат, и дека и Крим би можел да добие независност доколку Крим и Украина постигнат договор, а без тој договор нема ниту независност за Крим.
Вучиќ оцени дека Србија уште еднаш станала колатерална штета на „на судирите на големите и нивното непринципиелно однесување од минатото“.
Тој наведе дека Плетнер, Бон и Лајчак укажале дека Путин ја „подигнал завесата“ и дека сега е оставено на сите да се определат на која страна од таа завеса ќе застанат.
Вучиќ изјави дека ги предупредил пратениците дека на северот од Косово „никнуваат нелегални бази на специјалните единици на Косовската полиција“ и оцени дека „дивјаштвото и бандитизмот на косовските власти немаат крај и не постои правна норма која не ја погазиле“.
Тој додаде дека САД, за одбрана од руската агресија упатиле нова транша воена помош за Албанија, БиХ, Црна Гора, Северна Македонија, Хрватска и Косово и запраша што бараат Американците и земјите од опкружувањето од Србија, бидејќи на списокот за воена помош ја нема само Србија.
Зборувајќи за можноста најавената Парада на гордоста да се забрани, Вучиќ наведе дека српското Министерство за внатрешни работи во согласност со законот ќе донесе евентуална одлука за забрана 96 часа пред нејзиното одржување.
Вучиќ рече дека Србија „нема да игра и да се зафркава“ со своите граѓани и да „измислува глупости“ дека Парадата на гордоста ја забранува поради мајмунските сипаници, бидејќи не сака да ги „понижува луѓето кои се наши деца, родители, браќа и сестри“.
Тој истакна дека властите на Србија се загрижени за безбедносната ситуација и дека поради тоа никогаш нема да ја разберат „неверојатната неодговорност на оние кои од една речиси неважна тема или важна тема за само еден дел од нашето општество, прават крстоносна војна не размислувајќи колку самари ставиле на грбот на својата држава“.
Вучиќ рече дека Србија нема да игра со „приказни без врска за мајмунските сипаници“, а во исто време на фудбалски натпревари дозволува присуство на 55.000 лица.
Претседателот Вучиќ нагласи дека српската власт „ниту е толку несериозна, ниту сака да ги понижува граѓаните“ за да потврди дека Парадата на гордоста не може да се одржи поради епидемијата на мајмунските сипаници.
Тој рече дека ситуацијата за Србија е тешка бидејќи „не сакаме да гледаме судири“, но предупреди дека би можело да дојде до поголеми судири и немири, „на кои нашата сила би морала да биде поголема, а тоа се нешта што сакаме да ги избегнеме“.
Српскиот претседател иронично јавно им се заблагодари на сите „големи јунаци кои не чекаат на ред ниту на Јариње и Брнак, но чекаат по паркови во Белград за да се изживуваат над оние кои се послаби од нив“.