БЕЛГРАД (АА) - Белград нема да се откаже од дијалогот со Приштина, бидејќи разговорот е единствено решение до компромис, изјави денес српскиот претседател Александар Вучиќ, истакнувајќи дека не е оптимист во однос на прашањето за тие разговори, јавува Anadolu Agency (AA).
„Пред нас се разговори во Брисел. Не сум оптимист, но Србија ќе вложува напори да се дојде до компромис“, изјави Вучиќ во Српската академија за науки и уметности во Белград, по отворањето на дводневната меѓународна конференција на антикорупцискиот портал „Пиштаљка“ (Pištaljka).
Тој истакна дека тие разговори ги отежнува платформата за преговори, која е претставена во косовскиот Парламент, но и дека ги покажува вистинските намери на Приштина.
„Кога ќе ја прочитате таа платформа, ќе видите дека не оставиле ниту милиметар, ни еден отсто простор за каков било договор“, изјави Вучиќ, но повтори дека разговорите ќе бидат продолжени.
Вучиќ ја повтори и својата загриженост поради зачестените напади на Србите на Косово во текот на изминатите денови.
„Досега успеавме да го сочуваме мирот и стабилноста, но станува сè потешко, бидејќи Албанците стануваат сè понервозни“, изјави Вучиќ.
Тој оцени и дека единствена цел на власта на Приштина е на сите начини да го заземе северниот дел на Косово.
„Тоа е суштината, знаат тие дека нема Срби во Штимље, во Сува Река, дека во Ораховец има 300, а во Велика Хоча, околу 400. Единствена цел е заземање на северниот дел на Косово за да можат физички да ја заземат Газивода. Милион пати и ним и на претставниците на меѓународната заедница им кажав дека тоа нема да може и го повторив тоа уште неколкупати“, наведе тој, додавајќи дека меѓу косовските Албанци нервозата станува сè поизразена, бидејќи мислат дека имаат апсолутно право да го заземат северниот дел на Косово, според правото кое им го дале Американците и другите со нив, бомбардирајќи ја Србија.
Коментирајќи ги наводите на косовскиот премиер Рамуш Харадинај дека заедницата на српските општини нема да биде формирана додека не биде решено прашањето за енергетиката, Вучиќ повтори дека не постои договор на Белград и Приштина во однос на тој сегмент.
Запрашан да коментира за завршувањето на мандатот на Европската мисија за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС), Вучиќ одговори дека нејзините претставници ќе останат во Косово, но дека тоа нема толку лесно да го кажат за да не си забележат со приштинските власти.
Тој рече дека се надева оти претставниците на ЕУЛЕКС својата работа секогаш ќе ја извршуваат професионално, но дека тоа не било секогаш така, додавајќи дека државата во минатото направила голема грешка што прифатила во Мисијата да се обезбеди тие да ја извршуваат својата функција во Косово без „Србија да добие нешто“.
Вучиќ наведе и дека податокот дека големите сили не ја признаваат или немаат намера да ја уважат Резолуцијата 1244 за Србија, само значи дека има многу мали можности да стори нешто. Тој додаде и дека е точно дека Резолуцијата предвидува враќање на одреден број војници и полицајци во Косово, и дека тој често го зборува тоа на странците.
„Одговорот обично е дека ако Србија се обиде да влезе во Косово со својата Армија или полиција, НАТО ќе го третира тоа како непријателски чин и ќе бидеме во конфликт со најмоќниот сојуз во светот. Ова ни кажува колку е сериозна ситуацијата и колку луѓе не ги интересира правото, туку само силата и фактичката состојба. Не зборувам често за тоа, бидејќи не сакам да ги заморувам граѓаните секој ден, но нема да кажам дека тоа е праведно и правично“, изјави Вучиќ.
news_share_descriptionsubscription_contact
