Andelija Stojkovic
28 Септември 2022•Ажурирај: 29 Септември 2022
БЕЛГРАД/ИНЏИЈА (АА) ‒ Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека Србија нема да ги признае референдумите за припојување на четирите украински области кон Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Србија тоа не може и не сака да го признае затоа што Србија се држи до меѓународното јавно право и до резолуциите на Обединетите нации. Ние го штитиме својот територијален интегритет и за нас е најдобро да го штитиме и територијалниот интегритет на меѓународно признаените држави,“ изјави Вучиќ за новинарите во Инџија.
Додаде дека тоа се работи кои за Србија се од пресудно значење. „Инаку, Србија веќе не би имала никаква позиција за прашањето за Косово.“
Како што рече, на 4 и 5 октомври најверојатно ќе бидат донесени одлуките за припојувањето на четирите области кон Русија.
Вучиќ додаде дека го интересира тоа како на 5 и 6 [октомври, заб. на авт.] Советот на Европа ќе ја започне процедурата за зачленување на Косово, по одлуката на Русија.