Elena Trenchevska Chekovikj
07 Август 2025•Ажурирај: 07 Август 2025
Органите за спроведување на законот во Северна Македонија поднесоа кривична пријава против германски државјанин за „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“, пренесува Анадолу.
Според официјалното соопштение на Министерството за внатрешни работи (МВР), Секторот за внатрешни работи Скопјe, германскиот државјанин непосредно пред фудбалскиот натпревар помеѓу ФК „Шкендија“ и ФК „Карабах“, што се одржа пред два дена во рамките на квалификациите за Лигата на шампионите помеѓу Шкендија и азербејџанскиот тим Карабах, со истакнување и веење на знамето на „Голема Албанија“ и со натпис „Автохтона“, предизвикал чувство на омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност.
Лицето е лишено од слобода од полициски службеници додека од Основниот кривичен суд Скопје веднаш е изречена пресуда со која обвинетиот е прогласен за виновен и е осуден на условна казна затвор од две години, како и одлука за негово протерување и забрана за влез во државата следните пет години.
„МВР и јавното обвинителство продолжуваат да преземаат координирани активности за откривање и идентификување на сторители на кривични дела на ширење на омраза и нетрпеливост поврзани со спортски натпревари. Откако ќе бидат идентификувани, сторителите ќе бидат процесуирани во согласност со надлежностите на јавното обвинителство“, се додава во соопштението.