Bekim Laci
19 Јули 2017•Ажурирај: 20 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Седумдесет и три фондации и невладини организации со експерти од различни области, во средата го претставија својот предлог за реформи во државата во наредните 3, 6, 9 и 12 месеци, преку таканаречениот „Блупринт за итни демократски реформи“, со што бараат од Владата на Македонија да направи дополнување на нејзиниот план кој претходно беше претставен, таканаречен „План 3-6-9“, јавува Anadolu Agency (AA).
Предлозите за реформи се изработени од страна на 146 претставници од 73 невладини организации (НВО), учесници на Форумот на граѓански организации на 4 и 5 јули годинава, а се надоврзуваат на основниот документ изработен во 2016 година.
Претставникот на овие 73 фондации и невладини организации, Марко Трошановски, побара од владата да направи дополнување на нејзиниот план што претходно беше претставен, таканаречениот „План 3-6-9“, бидејќи, како што рече тој, бројот на предвидените мерки за реализирање од страна на владата во првото тримесечие се многу помалку од тие за коишто НВО сметаат дека можат да се реализираат.
„Ние мислиме дека има простор за подобрување во првата фаза на акциониот план за спроведување на реформите, додека за фазите 6 и 9, мислиме дека претставуваат една добра можност за владата за да ги вклучи предлозите за кои мислиме дека се значајни“,вели Трошановски.
Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет во Скопје, организација која е дел од невладиниот сектор, во својот говор истакна дека овој план претставува обид за зајакнување на реформските процеси во државата и за враќање на демократските вредности, кои, како што рече, во голема мера беа помогнати со последните парламентарни избори кои ѝ ставија крај на повеќегодишната политичка криза.
Овој документ денес ќе биде испратен до сите државни институции надлежни за имплементирање на приоритетите наведени во документот.