Husamedin Gina
02 Март 2020•Ажурирај: 03 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Горан Грлиќ Радман кој денес се наоѓа на работна посета на Северна Македонија, рече дека Хрватска силно го подржува отворањето на пристапните преговори за Европската унија (ЕУ) со Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров имаше средба со неговиот хрватски колега, Горан Грлиќ Радман.
По средбата, каде главната тема на разговорите било проширувањето на Европската унија (ЕУ) и европскиот пат на Северна Македонија, двајцата министри одржаа заедничка прес - конференција.
Истакнувајќи дека Хрватска силно го подржува отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија, министерот за надворешни работи на Хрватска рече дека тоа во континуитет го истакнуваат и пред нивните партнери во Европската унија.
„Мојата посета коинцидира со извештајот за напредокот, позитивниот извештај и тоа е еден многу важен настан, еден позитивен знак дека Северна Македонија оди во добар правец“, нагласи министерот Грлиќ Радман.
„Наша желба е Самитот кој ќе се одржи во мај во Зегреб да биде пресвртница во односите на Европската унија со земјите од Западниот Балкан за наредните 10 години", потенцираше хрватскиот министер за надворешни работи.
Истакнувајќи дека Хрватска како актуелен претседавач со Унијата ќе продолжи да ја подржува Северна Македонија од секој аспект, шефот на хрватската дипломатија рече дека има позитивно расположение кај членките на ЕУ и дека и по скептичните земји одат во правецот на позитивен став.
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија Никола Димитров истакна дека земјите членки на ЕУ оцениле дека извештајот за Европската Комисија за Северна Македонија е реален и дека земјата ги исполнува условите за старт на преговори со Унијата.
Меѓу другото, министерот Димитров истакна и дека Северна Македонија има среќа што токму Хрватска во овој период претседава со Советот на Европската унија.
„Имаме апсолутно поклопување во хрватскиот и македонскиот државен интерес да имаме успех согласно заклучоците од Европскиот совет да има одлука пред одржувањето на големиот Самит на регионот со Европа во Загреб на почетокот на Мај“, потенцираше Димитров.
Димитров на прес-конференцијата исто така додаде дека новата методологија и позитивниот извештај се основите и Европската Унија да вложи напори и да испорача конкретна и одржлива одлука за почеток на пристапните преговори.
Хрватскиот министер за надворешни работи во рамките на посетата на Северна Македонија се состана и со претседателот на земјата, Стево Пендаровски.