Admir Fazlagic
02 Март 2020•Ажурирај: 03 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски во Скопје се состана со министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во официјална посета на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Поздравувајќи ја посетата на министерот Грлиќ Радман и оценувајќи дека доаѓа во исклучително важен момент за нашата држава и за регионот, претседателот Пендаровски се заблагодари за постојаните и јасни заложби на Република Хрватска и актуелното хрватско претседателство за отворање на пристапните преговори за членство пред самитот на унијата во Загреб во месец мај", се вели во соопштението од кабинетот на претседателот Пендаровски.
Според соопштението, претседателот Пендаровски изразил очекување и за скорешно усвојување на новата методологија за водење на пристапните преговори за членство.
„На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што беше оценето дека тие се пријателски, без отворени прашања и беше посочено на интересот на двете страни за унапредување и интензивирање на билатералната соработка во сите области од заемен интерес", соопшти кабинетот на претседателот Пендаровски.
Се додава дека двајцата соговорници разменија мислења и информации и за актуелните состојби во регионот, вклучително и за заканата од нелегалната миграција.
По средбата со претседателот Пендаровски, министерот за надворешни работи на Хрватска се состана со неговиот колега, министерот за надворешни работи на Северна Македонија Никола Димитров, а по средбата двајцата министри одржаа и заедничка прес-конференција.