Mehmet Hatipoğlu
17 Мај 2017•Ажурирај: 18 Мај 2017
АТИНА (АА) - Незадоволни од договорот постигнат меѓу грчката влада и кредиторите за воведување на нови мерки на штедење, вработените во јавниот и приватниот сектор стапија во еднодневен предупредувачки штрајк, што во сите грчки градови предизвика колапс, јавува Anadolu Agency (AA).
Штрајкот предизвика целосен колапс на воздушниот, поморскиот, патниот и железничкиот транспорт и сообраќај, а во Атина штрајкуваат и поголемиот дел од возачите на градскиот превоз. Затворени се пазарите, маркетите, па дури и театрите и кината, а во болниците работат исклучиво одделите за итна помош.
Илјадници демонстранти се собраа на две локации во Атина, од каде што дојдоа пред грчкиот парламент, каде што утре ќе се одржи седница на која пратениците ќе гласаат за предлогот на владата за нови намалувања на пензиите и зголемување на даноците.
Во текот на протестниот марш дојде до инциденти кога група маскирани демонстранти нападнаа репортажно возило на државната телевизија ERT, но со интервенција на полицијата беше спречена ескалација на немирите. И на плоштадот Синтагма пред Парламентот дојде до судир меѓу полицијата и демонстрантите.
Синдикатите најавија дека и утре, за време на седницата на Парламентот, ќе организираат протести на Синтагма.
Групата на полициски службеници, кои исто така стапија во штрајк поради новите мерки за штедење, со кои се предвидува намалување на нивните плати, ја окупираа зградата на Министерството за финансии во Атина и влегоа во канцеларијата на вршителот на должноста министер, Јоргос Хуларакис.
Челникот на полицискиот синдикат, Григорис Геракарос, соопшти дека штрајкувачите го окупирале министерството откако министерот го одбил нивното барање за средба.