Zülfiya Yakup
17 Мај 2017•Ажурирај: 18 Мај 2017
ПРИШТИНА (АА) - Демократската партија на Косово (PDK) на Кадри Весели, Алијансата за иднината на Косово на Рамуш Харадинај (AAK) и Иницијатива за Косово, на Фатмир Лимај, формираа предизборна коалиција за претстојните предвремени парламентарни избори во Косово на 11 јуни. Кандидат за премиер од коалицијата се очекува да биде Рамуш Харадинај, пренесува Anadolu Agency (AA).
Истовремено, Демократскиот сојуз на Косово (LDK) на Иса Мустафа формира предизборна коалиција со Алијансата ново Косово на Беџет Пацоли, а кандидат за премиер од оваа коалиција ќе биде членот на ЛДК Авдула Хоти.
Централната изборна комисија синоќа на полноќ го затвори периодот за пријавување на предизборните коалиции. Во соопштението на ЦИК се наведува дека Демократската партија на Косово (ПДК) доцна синоќа склучила предизборна коалиција со Алијансата за иднината на Косово и со Иницијатива за Косово. ПДК на последните избори во 2014 година, кога на чело на таа партија беше Хашим Тачи, сегашниот претседател на Косово, беше најгласен на Косово и беше на власт заедно со Демократскиот сојуз на Косово и со малцинските партии. Таа владејачка коалиција, поточно Владата на Иса Мустафа, минатата недела падна како резултат на гласовите на пратениците на опозицијата, но пред сѐ, со гласовите на ПДК во косовоското Собрание, каде што на барање на Иницијатива на Косово се гласаше за доверба на Владата.
Членот на Претседателството на ААК, Мухарем Нитај, на прес-конференција синоќа по полноќ соопшти дека лидерот на неговата партија, Рамуш Харадинај, ќе биде кандидат за премиер од новата предизборна коалиција склучена со ПДК и Иницијативата за Косово.
Секретарот на Иницијатива за Косово, Билал Шерифи, изјави дека партијата ќе ја добие позицијата заменик-премиер. Во таа коалиција има и повеќе помали партии кои и досега беа во коалиција со ПДК.
Демократскиот сојуз на Косово (LDK) вчера соопшти дека е потпишан предизборен договор меѓу ЛДК и Алијансата ново Косово (АКR), на поранешниот косовски претседател Беџет Пацоли, и дека кандидат за премиер ќе биде Авдула Хоти од ЛДК, досегашниот министер за финансии.