Bekim Laci
06 Октомври 2017•Ажурирај: 07 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Судии и експерти во областа на правосудството од Македонија и од регионот дебатираат на научна расправа организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и од Здружението за кривично право и криминологија на Македонија, на темата „Двојба во корист на обвинетиот – виновен надвор од разумно сомневање“, која, според организаторот, има за цел да идентификува примери на добра практика за да се дискутираат судските случаи на оваа тема, јавува Anadolu Agency (AA).
Раководителот на секторот за човекова димензија на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Гонзало де Чезаре, во својот говор рече дека целта на оваа расправа е да им се препорача на обвинелствата во судските постапки да докажат дека обвинетиот е виновен надвор од разумно сомневање.
„Овој стандард на вина е присутен во повеќе јурисдикции, и е присутен во повеќе законодавства на континенталните држави“, рече Де Чезаре.
Универзитетскиот професор од областа на кривичната постапка, Горан Калајџиев, рече дека судскиот процес „Монструм“ е најдобар пример на денешната дебата, бидејќи, како што рече тој, современата кривична постапка е заснована на сериозно сомневање во можноста секогаш да се утврди вистината, како и можните злоупотреби кои се можност за гаранциите во постапките.
„Сакаме да го свртиме вниманието во домашната практика да се води сметка повеќе за пресумпцијата за невиност и за ова начело коешто поаѓа од можноста за грешки и злоупотреби во заштитата на поединци коишто се опфатени со казнено-правниот систем. Од неговиот почеток, значи да не се вовлече никој во постапка без да има доволно докази против него, а особено да не се осуди доколку тоа не е со висок степен на сигурност докажано“, рече Калајџиев, според кој, судските постапки кон одреден поединец воопшто не треба да започнат ако нема доволно докази, а особено да не биде казнет ако не постои висок степен на докази кои сведочат за вината.
Во овој поглед, рече тој, случајот „Монструм“ ќе мора да почне од нула, бидејќи сега Јавното обвинителство, кое ги подигна обвиненијата, вели дека не е сигурно за вината на затворениците.
На крајот на расправата ќе бидат донесени препораки и заклучоци кои ќе се заокружат во форма на извештај што ќе ги содржи резултатите.