Admir Fazlagic
23 Септември 2017•Ажурирај: 24 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Република Македонија попладнево ја прекина работата по 15. седница, а претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека пратениците ќе продолжат по локалните избори, пренесува Anadolu Agency (AA).
Пратениците денеска шести ден во рамки на 15. седница дебатира по Предлог законот за употреба на јазиците, во прво читање.
Џафери рече дека ја прекинува дебатата согласно неговата најава дека Парламентот нема да работи на почетокот на кампањата за изборите, но и, како што рече, да нема чувство дека некој по секоја цена сака да постигне некоја цел.
„Како резултат на дебатата произлезе дека од интерес на граѓаните, да не кажам на дел од граѓаните, е и потребата за носење и на соодветниот закон којшто е во редовна постапка за којшто се надевам ќе продолжиме исто така со успешна и плодна конструктивна дебата", рече Џафери.
„Се надевам, дополни, дека никој од учесниците оваа ситуација нема да ја користи во предизборни цели и во кампања. А тоа најдобро ќе го ценат, ќе го покажат и ќе го решат граѓаните на Република Македонија", истакна Џафери, кој на учесниците на локалните избори им посака мирна успешна предизборна кампања.
Предлог законот за употреба на јазиците предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.
Поради предлог законот за употреба ја јазиците во претходните две недели се одржаа неколку протести пред Собранието на Република Македонија против усвојувањето на Предлог законот за употреба на јазиците.
Иницијатори и организатори на протестот се граѓанските здруженија „Тврдокорни", Светски македонски конгрес, како и други здруженија кои бараат Владата да го повлече Предлог законот за употреба на јазиците од собраниска процедура.
Организаторите на протестите велат дека се спротиставуваат на овој предлог закон бидејќи, сметаат дека тој е „неуставен, не е европски ги руши унитарноста и територијалниот интегритет на државата, ја редефинира државноста, ги дискриминира помалите етнички заедници, ја дестабилизира земјата и врши мајоризација на малцинството врз мнозинството."