Vesna Besiç
21 Ноември 2016•Ажурирај: 22 Ноември 2016
САРАЕВО (АА) - На денешен ден, пред 21 година, парафиран е Генералниот рамковен договор за мир во Босна и Херцеговина, во воената база Рајт-Патерсон во градот Дејтон. Договорот стана познат како Дејтонски мировен договор, јавува Anadolu Agency (AA).
Со овој договор официјално е завршена речиси четиригодишната војна, а БиХ е прогласена за држава на три конститутивни народи и останати, и два ентитета – Федерацијата на БиХ и Република Српска.
Главните актери во мировните преговори и потписници на Дејтонскиот договор беа претседателот на Р. БиХ Алија Изетбеговиќ, хрватскиот претседател Фрањо Туѓман и српскиот претседател Слободан Милошевиќ. Договорот беше потпишан на 14 декември 1995 година, во Елисејската палата во Париз. Сите три земји се формирани по распаѓањето на поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
„Ова не е праведен мир, но е поправеден од продолжувањето на војната. Во таква ситуација и во ваков свет, подобар мир и не можеше да биде постигнат“, изјави Алија Изетбеговиќ по церемонијата на потпушување на Дејтонскиот договор во Париз.
Овие зборови можеби до денес претставуваат најдобар опис на моментот во кој е усогласен Мировниот договор за БиХ. Во моментот на потпишувањето, Дејтонскиот договор во БиХ го донесе долгоочекуваниот и посакуван мир. Истовремено, тој донесе сосема ново уставно уредување на земјата, за кое во моментот на потпишувањето ретко кој размислувал, во земјата во која смртно настрадаа повеќе стотици илјади граѓани, повеќе милиони се протерани од своите огништа или побегнале во другите земји, додека куќите, фабриките, училиштата, факултетите, инфраструктурата, културните и историските споменици се разорени.
- Суверенитет и ентитети -
Најголем придонес за склучување на Дејтонскиот договор даде Ричард Холбрук, поранешниот заменик-државен секретар на САД, Медлин Олбрајт, а со своето присуство го гарантираа и американскиот претседател Бил Клинтон, генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Бутрос Бутрос-Гали, поранешниот француски претседател Жак Ширак, тогашниот британски премиер Џон Мејџор, генералниот секретар на НАТО, Хавиер Солана, германскиот канцелар Хелмут Кол, рускиот премиер Виктор Черномирдин, како и премиерот на Шведска, Карл Билд, кој, исто така, беше ко-претседавач на мировната конференција во име на Европската Унија.
Договорот се состои од 11 анекси, вклучувајќи го и Анекс 4 – Уставот на Босна и Херцеговина, кој е во сила и денес, 21 година по Дејтонскиот договор. Токму овој анекс, во последните неколку години е предмет на најжестоки дебати. Со него е потврден суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Босна и Херцеговина како држава. Одредено е дека Босна и Херцеговина е составена од два ентитета, Федерацијата Босна и Херцеговина и Република Српска, како и дека се состои од конститутивни народи, Бошњаци, Хрвати и Срби, заедно со другите.
Дејтонското уставно уредување стана еден од основните проблеми во функционирањето на модерна БиХ, но и препрека на нејзиниот пат кон евроатлантските интеграции. Тоа стана препрека и во внатрешното функционирање на државата и предмет на спор меѓу политичките опции во поглед на тоа како БиХ како држава треба да изгледа во иднина и каква би требало да биде нејзината внатрешна структура. Во последниве години, не е постигнат консензус ниту за еден предлог за уставните промени. Јазот меѓу политичките претставници во врска со измените на уставниот поредок на Босна и Херцеговина се рефлектира во сите сфери на животот.