Besar Ademi
15 Ноември 2017•Ажурирај: 15 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во просториите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) беше потпишан Меморандум за соработка меѓу комисијата и невладината организација „Транспаренси Интернешнл – Македонија“, со којшто ќе се следи работата на ДКСК и тој ќе придонесе оваа институција да биде потранспарентна за јавноста, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на ДКСК, Игор Тантуровски, нагласи дека потпишувањето на договорот е една од обврските на оваа институција, меѓу кои и, како што рече тој, соработката со невладиниот сектор.
„Ние со 'Транспаренси Интернешнл' досега имавме добра соработка, но сега го формализиравме тоа на коешто веќе работиме“, истакна Тантуровски, и додаде дека ваквата соработка ќе придонесе оваа државна институција да биде потранспарентна.
Од друга страна, претседателката на „Транспаренси Интернешнл – Македонија“, Слаѓана Тасева рече: „'Транспаренси Интернешнл' и Државната комисија за спречување на корупцијата во нивните редовни комуникации за тоа што се направи за подобрување на работата на оваа државна институција, дојдоа до заклучок дека освен општиот меморандум за соработка што оваа институција ја има со невладините организации, потребно е да се потпише еден посебен меморандум за заедничките активности“.
Потпишувањето на овој меморандум е дел од активностите за спроведување на проектот „Зајакнување на националниот систем на интегритет во земјите од Западен Балкан и Турција и следење на развојот на антикорупциските реформи“. Овој проект е поддржан од страна на Европската Унија (ЕУ) и од амбасадата на Кралството Холандија во Македонија.