Vesna Besic
04 Септември 2026•Ажурирано: 04 Септември 2026
Комесарката на Европската Унија (ЕУ) за проширување, Марта Кос, ја откажа планираната посета на Србија поради, како што наведе, величањето на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ по враќањето на неговите посмртни останки во Белград, јавува Анадолу.
„Ратко Младиќ е осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства. Враќањето на неговите посмртни останки во Белград ја потсетува Европа на најмрачните страници од нашата понова историја“, објави таа на американската платформа за социјални медиуми Х.
„Величањето околу неговата смрт, не е во согласност со вредностите врз кои е изграден патот кон ЕУ“, истакна Кос.
„Тој пат бара соочување со минатото, вистинско помирување и почитување на жртвите на воените злосторства“, додаде таа.
Таа истакна дека „вредностите што се темел на нашата заедничка иднина не се предмет на преговори“.
„Во тој контекст, одлучив во овој момент да не ја реализирам мојата планирана посета на Србија“, додаде Кос, која требаше да ја посети Србија подоцна овој месец.
Србија е кандидат за членство во ЕУ од 2012 година и води преговори за пристапување со блокот од 2014 година.
Младиќ, поранешен командант на Главниот штаб на Војската на Република Српска, правосилно е осуден во јуни 2021 година на доживотен затвор за геноцидот во Сребреница, прогоните на Бошњаците и Хрватите, тероризирањето на граѓаните на Сараево и земањето припадници на УНПРОФОР како заложници. Тој почина на 27 август во притвор во Хаг.
Авионот на Владата на Србија го пренесе од Хаг телото на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, кое потоа беше пренесено во Военомедицинската академија во Белград. Телото на Младиќ го пречекаа припадници на Војската на Србија, а беше покриено со знамињата на Србија и ентитетот Република Српска.
Комеморацијата ќе се одржи утре во Белград, по што Младиќ в понеделник ќе биде погребан на Топчидерските гробишта.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека државата ќе биде подготвена да обезбеди логистичка, транспортна и друга поддршка, како и помош во зачувувањето на јавниот ред, мирот и безбедноста.