Vesna Besic
08 Март 2025•Ажурирај: 12 Март 2025
Силите на Европската Унија во Босна и Херцеговина (ЕУФОР) привремено ќе го зголемат бројот на своите сили во БиХ, известува Анадолу.
„Ова е превентивна мерка што се спроведува со цел да ѝ се помогне на Босна и Херцеговина во интерес на сите нејзини граѓани“, порачаа од ЕУФОР.
Изјавија дека капацитетите на ЕУФОР играат клучна улога во одржувањето на безбедноста и стабилноста во Босна и Херцеговина.
„Во претстојните денови ќе има значително засилено присуство на ЕУФОР. Ги уверуваме граѓаните на Босна и Херцеговина дека ова присуство, како и сите други активности на ЕУФОР, е директно поврзано со нашата задача да ги поддржиме властите на Босна и Херцеговина во одржувањето на безбедноста и стабилноста“, истакнуваат од ЕУФОР.
Подвлекоа дека силите на ЕУФОР остануваат непристрасни, мултинационални и силни, и располагаат со потребните воени ресурси да им дадат поддршка на босанските власти во одржувањето безбедно и стабилно опкружување за сите граѓани на БиХ.
„ЕУФОР останува посветен на таа задача“, се додава.
Денис Беќировиќ, член на Претседателството на Босна и Херцеговина, претходно го повика ЕУФОР итно да побара засилување и да распореди адекватни воени сили на стратешките точки во Босна и Херцеговина.
Милорад Додик, претседателот на ентитетот на Босна и Херцеговина, Република Српска, во средата вечерта потпиша декрет за прогласување на Законот за забрана на активностите на Судот и на Обвинителството на Босна и Херцеговина, Агенцијата за истраги и заштита на Босна и Херцеговина (СИПА) и Високиот судски и обвинителски совет на БиХ во тој ентитет.
Додик го направи тоа по неколку дена откако првостепениот суд на БиХ го осуди на една година затвор и шестгодишна забрана да ја извршува функцијата претседател на РС поради неисполнувањето на одлуките на високиот претставник во БиХ.
Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, претседавачот со Претставничкиот дом на БиХ, Денис Звиздиќ, и заменик-претседателот на Домот на народите на БиХ, Кемал Адемовиќ, во четвртокот поднесоа апелација до Уставниот суд на БиХ со цел да се оцени уставноста на спорните закони на РС.
Уставниот суд на БиХ во петокот донесе привремена мерка со која се суспендираат законите кои ја забрануваат работата на државните судски и безбедносни институции на територијата на ентитетот РС.