Husameddin Gina
16 Ноември 2018•Ажурирај: 17 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, во врска со актуелните моменти за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, рече: „Јавно го поставувам прашањето. Дали Груевски доброволно ја напуштил државата, или можеби бил киднапиран?“, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Зоран Заев ова го истакна на денешната заедничка прес-конференција со министерот за финансии, Драган Тевдовски, за буџетот во 2019 година, при што одговараше на прашања на новинарите.
Обраќајќи се до јавноста, премиерот Заев го постави прашањето: „Дали Груевски доброволно ја напуштил земјата, или пак можеби е киднапиран?“.
„И јавно го поставувам прашањето знаејќи вака како се случувале работите, дали тоа доброволно господинот Груевски ја напуштил Македонија, пред да биде издадена наредбата за неговото приведување пред суд или пак можеби бил киднапиран? Очекувам и Груевски и Унгарија да дадат одговор“, истакна премиерот.
Тој посочи дека ако Никола Груевски е киднапиран, следуваат други сериозни прашања со дебела суштина и во поглед на азилот и правото на азил.
„Редот е како држава да го поставиме јавно тоа прашање. Затоа што по одговорот на ова прашање следуваат сериозни други прашања коишто имаат дебела суштина. Од тој аспект ова го зборувам јавно за да уште еднаш ги уверам сите граѓани на Република Македонија дека ќе направиме сè што е во наша надлежност, и сè што имаме на располагање како инструменти Никола Груевски да биде екстрадиран дома“, рече премиерот Зоран Заев.
Тој на прес-конференцијата ги потврди информациите од Албанија и Црна Гора објавени во медиумите, за начинот на бегството на Никола Груевски.
Управата на полицијата на Црна Гора потврди дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски влегол во Црна Гора на 11 ноември и истиот ден ја напуштил земјата.
Полицијата на Албанија вчера се огласи во врска со тврдењата за премин на поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски, официјално потврдувајќи дека тој излегол од граничниот премин „Хани и Хотит“ во Скадар, кон Црна Гора.
Потсетуваме, поранешниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски, во вторникот преку својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека се наоѓа во Будимпешта, каде што од унгарските власти ќе побара политички азил.
По објавата на Груевски дека е во Будимпешта, информациите ги потврди и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија кое распиша меѓународна потерница за Груевски.
Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за набавката на луксузен мерцедес, вреден 570 илјади евра.