Admir Fazlagic
19 Мај 2018•Ажурирај: 21 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија Зоран Заев по денеска одржаната лидерска средба истакна дека Република Илинденска Македонија е името за кое е можен компромис со Грција, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев по лидерската средба во изјава за медиумите рече дека го информирал политичкиот врв за последната фаза од преговорите околку спорот што Република Грција го има со уставното име на Република Македонија.
„Известив дека владите на Република Македонија и Република Грција разговараа за опција и решение кое може да биде прифаливо за двете страни. Република Илинденска Македонија е името за кое е можен компромис со Грција", истакна Заев.
Тој посочи дека Република Илинденска Македонија е име со кое се зајакнува темелот на Република Македонија, а дека Илиден е славно минато и светлата иднина на Македонија. Премиерот Заев рече дека со ова можно решение се чува достоинството, се потврдув и се зајакнува македонскиот идентитет.
„Илинден е гаранција и за мултиетничка Македонија. Илинденската Македонија е држава и општество за чиј добробит и развој подеднавко се ангажирани и Македонците, и Албанците, и Турците, и Србите, и Власите, и Ромите, и Бошњаците и сите други што се бореле и избориле за слободна и независна Македонија", порача Заев и упати порака и до граѓаните на Грција:
„Со ова име правиме целосно разграничување со регионот Македонија во Грција, разграничување од секој аспект и нема никакви територијални аспирации према ниту една соседна земја вклучително и Грција."
Во своето обраќање, премиерот Заев од сите граѓани на Република Македонија, од сите етнички припадности, од сите политички сили и заедници да го поддржат можното решение со цел решавање на, како што рече, 25-годишниот спор, за да се стави печат на стабилноста, безбедноста и развојот на Македонија и да се отвори патот за членство на земјата во Европската унија (ЕУ) и во НАТО.
Заев додаде и дека можното решение треба да биде прифатено и од страна на Република Грциа, а доколку не биде прифатено, страните во преговорите остануваат посветени се додека не се најде решение.
- Иванов: Очекуваме писмен документ за да може да се гради став
Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов по лидерската средба за медиумите изјави дека состанокот беше од информативен карактер, на кој премиерот и министерот за надворешни работи на земјата, информирале за последниот тек на настаните поврзани со процесот за изнаоѓање решение со проблемот околу името.
„Прв пат бевме информирани за некои работи кои сега прв пат ги слушнавме. Тие се усно пренесени, така што очекуваме за сите овие предлози и идеи да добиеме и писмен документ за да може да се гради став", рече Иванов, додавајќи дека на овој состанок не изградиле став туку само ги добиле информациите.
- Мицковски: „ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот, а со цел промена на уставното име"
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски по лидерската средба изјави дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот којшто беше повторен во минатото во многу наврати, а тоа е дека нема да поддржи промена на Уставот, а со цел промена на уставно име.
„Целокупниот процес се водеше во тајност, целокупниот процес се водеше егзибиционистички. Беа загрозувани националните и државните позиции на Република Македонија. Патот до целта е јасен, интеграција во ЕУ и НАТО, но очигледно траекторијата е различна", рече Мицковски, додавајќи дека органите на партијата ќе бидат информирани за ова прашање.
На денешната средба, иницирана од премиерот Заев, присуствуваа претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски интеграции, Бујар Османи, лидерот на Демократската унија (ДУИ), Али Ахмети, како и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски.