СКОПЈЕ (АА) - ФУРКАН АБДУЛА -
Претседателот и извршен директор на здравствената групација „Санте плус“, Билал Кара, истакна дека искуството стекнато во здравствениот сектор во Турција сакаат да го пренесат на Балканот, нагласувајќи дека станале моќна здравствена групација на Балканот која не прави компромис во однос на квалитетот и задоволството на пациентите.
Во разговорот за Агенција Анадолија (АА), Кара се осврна на работата на здравствената групација „Санте плус“ на Балканот, нејзиниот успех овде и успесите на турската медицина.
Наведувајќи дека „Санте плус хоспитал груп“ (Sante Plus Hospitals Group) е основана во 2001 година, Кара рече дека во тој период се докажале со осум болници и четири здравствени центри во шест земји и дека станале силна здравствена и болничка групација на Балканот без да се прави компромис во квалитетот.
Посочувајќи дека успешните приказни се засноваат на многу години работа, Кара рече: „Ние тргнавме со цел искуството што го стекнавме во нашата болница во Истанбул и искуството што го стекнавме во здравствениот сектор во Турција да го пренесеме на Балканот. По тој повод, отворивме филијали во Северна Македонија, Косово, Албанија, Србија и Црна Гора.“

Потенцирајќи дека денеска дошле до позиција да бидат најголема здравствена групација на Балканот, Кара рече дека се здравствена организација со 100 отсто турски капитал на Балканот.
Наведувајќи дека благодарение на пациентите кои успешно ги лекувале во периодот на пандемијата, станале организација чие име е ценето и во очите на пациентите и во јавноста на Балканот, Кара истакна дека со своето долгогодишно искуство, силната технолошка инфраструктура на болниците и силниот тим формиран од турски и локални лекари создале јавна свест во здравствениот сектор на Балканот.
Кара рече дека почнале да даваат услуги во областа на офталмологијата со нов бренд: „На почетокот на годината создадовме нов бренд под името „Европска очна болница“. Тука веќе имавме очна болница лоцирана во Скопје. Со додавање на оваа болница во нашата група, направивме многу силна инвестиција, особено во областа на болестите на очите на Западен Балкан.“
Посочувајќи дека имаат за цел дополнително да ја зајакнат титулата „најголема здравствена установа на Балканот“, Кара рече: „Повторно имаме голем проект. Размислуваме за здравствен комплекс во Скопје, главниот град на Северна Македонија. Комплексот нема да биде наменет само за граѓаните на Северна Македонија, туку и за граѓаните на сите земји во регионот. Во комплексот ќе може успешно да извршиме третмани за детска онкологија, радијациона онкологија и трансплантација на органи.“
Наведувајќи дека ги добиле прелиминарните дозволи за овој проект и дека ќе започнат со изградба ова лето, Кара додаде: „Во име на турската медицина и турскиот здравствен сектор, во овие балкански земји ќе донесеме прекрасен болнички комплекс на затворена површина од околу 25.000 квадратни метри.“
Кара истакна дека континуирано вложуваат напори за обука за воведување на новитетите од турската медицина, за што рече: „Носиме наши лекари од Турција кои се докажаа во различни гранки во различни пригоди. Овде организираме работилници и семинари за обука.“
Посочи дека ваквите обуки понекогаш ги организираат сами, а понекогаш во партнерство со локалните институции: „Таква обука имавме минатата година со Министерството за здравство во Тирана во Албанија. Овде имавме таква обука заедно со нашата амбасада во Скопје.“
Информирајќи дека имаат здравствени проекти во регионот на Белград и Ниш во Србија, Кара рече: „Имаме проект наречен „Едно дете секој месец“, кој го реализиравме со Општина Тирана, Албанија. Секој месец во нашите болници во Истанбул бесплатно лекуваме деца на семејства од Албанија кои немаат економски средства.“
news_share_descriptionsubscription_contact
