Hale Türkeş
25 Ноември 2015•Ажурирај: 27 Ноември 2015
АНКАРА (АА) – Според експертите, турското соборување на рускиот воен авион кој го наруши воздушниот простор е во согласност со меѓународната законска практика, јавува Anadolu Agency (AA).
Според турскта војска, авионот бил соборен близу областа Бајирбуџак во Сирија, во согласност со стандардните правила за раководење.
Снимката од медиумите покажува двајца падобранци како лебдат откако авионот се срушил на земја во голем облак од чад.
Универзитетскиот професор по Меѓународни односи, Мехмет Далар, изјави за Anadolu Agency (AA), дека земјата чиј воздушен простор е нарушен, има право да „интервенира“ во согласност со интернационалниот закон, доколку нејзините предупредувања не се прифатени.
„Во таа ситуација, доколку земја се соочува со блиска закана по безбедноста (нарушување на нејзиниот воздушен простор), има право да интервенира“, рече Далар, додавајќи дека Турција има обврска да го штити својот суверенитет и своите граници до области зафатени со конфликт, иако не е во војна со Сирија.
„Авионот е соборен бидејќи пилотите не се одзвале на предупредувањата (на турската војска). И ако е срушен на сириска територија, она што е важно е нарушувањето (на воздушниот простор). Авионот може да е погоден во турскиот воздушен простор а да се срушил на сириска терирорија. Најважно е дали го нарушил турскиот воздушен простор или не. Доколку го нарушил, тогаш неговото соборување е во согласност со меѓународниот закон“, рече тој.
Професорот по меѓународно право, Јасин Појраз, рече дека одредена земја има право да ги преземе сите потребни мерки вклучувајќи и соборување на авион кој го нарушува воздушниот простор и не одговара на предупредувањата.
„Нарушување и покрај десетте предупредувања е важен фактор што ја оправдува турската акција“.
Уште еден професор по меѓународно право, Месут Хаки Касин, истакна дека Турција го примени своето „легитимно право на самоодбрана“, велејќи дека кога странски авион навлегува во турскиот воздушен простор и ја нарушува граничната безбедност и националниот суверенитет, ѝ дава право на Турција да го собори.
Досега руски авиони во два наврати во месец октомври го имаат нарушено турскиот воздушен простор.