Husamedin Gina
14 Јуни 2022•Ажурирај: 15 Јуни 2022
СКОПЈЕ (АА) – Народниот правобранител на Северна Македонија, Насер Зибери, истакна дека Електродистрибуција мора најмалку 4 пати годишно да ги чита струјомерите, а не еднаш годишно како што беше практиката досега, јавува Агенција Анадолија (АА).
Народниот правобранител, Зибери, денес оствари работен состанок со претседателот на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги, Марко Бислимоски, на која се разговараше за менување на регулативата која се однесува на отчитувањето на броилата за електрична енергија (струјомерите).
По работната средба одржана во Канцеларијата на Народниот правобранител, Зибери и Бислимоски дадоа изјава за медиумите.
Зибери, истакнувајќи дека до народниот правобранител стигнале многу поплаки од граѓаните кои се жалат за паушално фактурирање сметки за трошење на електрична енергија, рече дека поради тоа започнале иницијатива за да се види регулативата за уредување на отчитувањето на броилата за електрична енергија.
„Во разговорите со Комисијата дојдовме до еден заеднички став дека треба да претрпат правилата промени во овој дел и отчитувањето на броилата, односно уредите да стане обврска операторот да ги отчитува најмалку квартално, што значи 4 пати во годината, по потреба и почесто“, рече Зибери.
Тој додаде дека тоа ќе придонесе граѓаните да не добиваат постојано фактурирани сметки без увид во реалната состојба во струјомерите.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, Бислимоски, исто така нагласи дека со измените во регулативата Електродистрибуција ќе има обврска најмалку 4 пати годишно во текот на годината да ги отчитува броилата со дополнителна препорака особено редовно да го прави тоа во текот на зимските месеци кога има најголем број на поплаки.
На новинарско прашање дали со воведувањето на новите блок-тарифи се прави дискриминација и нарушување на човековите права, Бислимоски рече дека загревањето сауни и базени е невообичаена потрошувачка на електричната енергија, и дека со распределбата на блоковите тие немаат против да прави кој што сака.
„Само кажуваме и испраќаме сигнал до домаќинствата дека доколку ја трошат нерационално електричната енергија ќе плаќаат повеќе. Ние сме енергетски сиромашна земја. Немаме нафта, немаме гас. Резервите на јаглен ни се при крај. Тој јаглен којшто го имаме е со екстремно лош квалитет“, истакна Бислимоски.
Наведувајќи дека електрична енергија мора да има и дека друга опција не постои, Бислимоски додаде дека испраќаат сигнал до домаќинствата да си ја намалат својата потрошувачка.