СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, денеска во Собранието на Република Македонија имаше новогодишно обраќање, јавува Anadolu Agency (AA).
Во својот говор, претседателот Иванов рече дека зад Македонија останува уште една година проследена со продлабочена политичка криза која се одразува врз секојдневниот живот на граѓаните.
Претседателот на Република Македонија потсети дека ова е негово прво обраќање пред новиот парламентарен состав, и како што наведе, не може, а да не констатира дека „кризата станува нова нормалност, на која луѓето почнаа да се навикнуваат“.
- На граѓаните им е потребно помирување -
„Живееме во период на голема трансформација. Во време – меѓувреме, кое некои го нарекуваат 'ad interim' или 'interregnum'. И додека во светот се водат големи глобални дебати за климатските промени, за одржливоста на развојот, за четвртата индустриска револуција, за вештачката интелигенција, за заканата од невработеност и сиромаштија, нашите дебати се сведоа на фаќање сеир за несреќата на другиот. Македонскиот јавен простор е затруен со говор на омраза, лични фрустрации и желби за одмазда. На граѓаните им е потребно помирување, наместо реваншизам. Барањето на граѓаните е и мое барање“, истакна Иванов.
Македонскиот претседател се осврна и на политичките случувања и процеси по одржувањето на предвремените парламентарни избори.
„Процесот на постизборно коалицирање и формирање на нова Влада стана заложник на постизборна платформа од туѓа држава што ги доведе во прашање темелните државни интереси на Република Македонија. Поради Тиранската платформа, политичката криза прерасна и во уставна криза. На виделина излегоа многу недоречености на Уставот за доделување на мандат за состав на Влада. Уставната празнина можевме единствено да ја пополниме со повикување на преседанот на претседателот Глигоров од 1992 година. Мандатот го доверив дури откако се создадоа правни услови и ми беа дадени писмени гаранции. Затоа, моите одлуки ги носам во согласност со тие гаранции за заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста на Република Македонија“, смета Иванов.
Според неговите зборови, предолгата политичка криза се одразила и на економијата. „За цела 2017 година имаме раст на БДП од 0,5%, што е една од најниските стапки на раст во историјата на македонската економија. Ако едно време бевме меѓу водечките економии во регионот, оваа година најверојатно ќе бидеме меѓу последните. Неизвесната политичка состојба доведе и до значително намален прилив на странски директни инвестиции“, рече Иванов.
- Феноменот „лажни вести" -
Тој во своето новогодишно излагање истакна дека освен животната средина, загаден е и јавниот и медиумскиот простор.
„Вистината никогаш немала толку непријатели како што има денес. Живееме во време на лажна медиумска реалност. Користејќи лажни вести, во Македонија се води војна на перцепции. Интернетот и емитувањето на прилагодени пораки до публиката се новата субверзивна алатка што се користи за обликување на јавното мислење и влијание на изборните резултати“, наведе Иванов.
Претседателот на Македонија посочи дека е неопходно е да се подобри и парламентарната етика, бидејќи тоа е основа за дијалог благодарение на кој може да се превенира поларизацијата и радикализацијата на општеството.
Меѓу другото, рече дека е неопходна и беспоштедна борба против корупцијата и организираниот криминал.
„Без сузбивање на криминалот и на корупцијата, на паразитската бирократија и клиентелизмот, ние не можеме да градиме иднина за Република Македонија“, смета Иванов.
- Непходно е да биде утврдена одговорноста за настаните во Собранието од 27 април -
Претседателот Иванов истакна дека е неопходно да биде утврдена одговорноста и за оние кои го предизвикале насилството во Собранието на 27 април.
„Кој постапил спротивно на Уставот и законот треба соодветно да одговара. Но, одговорноста не смее да се генерализира. Освен обврски, граѓаните имаат и права кои мора да се почитуваат – правото на одбрана, имунитет и презумција на невиност кои се во основата на секоја демократија. За жал, видовме пратеници со лисици без симнат имунитет и граѓани од 'Заедничка Македонија' обвинети за тероризам. Не можам, а да не ги поддржам оние кои повеќе од два месеци на мирен и достоинствен начин искажуваа грижа за државните интереси на Република Македонија. Бидејќи, дел од нивните барања беа и мои барања“, рече Иванов порачувајќи дека потребна е правда наместо реваншизам.
Посочи дека најголема одговорност за стабилноста и поредокот на Македонија имаат политичките партии.
- Реформи во безбедносниот систем на Македонија -
Претседателот Иванов истакна дека причините за кризите во Македонија се повеќедимензионални и побара реформи во националната безбедносна служба.
„Последнава политичка криза беше можност тој заеднички именител да се разоткрие, демистифицира и конечно, да се деконструира. Овој генератор на политички и безбедносни кризи е препознаен и јасно посочен во итните реформски приоритети на Европската Унија, односно извештајот на Прибе. Цитирам: 'Причините за долготрајниот скандал во Република Македонија може да се бараат како во концентрацијата на власт во рамките на националната безбедносна служба (УБК) и во лошото функционирање на механизмот за надзор над УБК'. Со други зборови, жариштето на речиси секоја, па и на оваа политичка криза во Македонија е лоцирано на едно место, а тоа е Управата за безбедност и контраразузнавање и нејзиниот оддел за техничка поддршка“, рече Иванов.
- „За членство во ЕУ потребни се реформи, не реваншизам“ -
Иванов потсети дека Европската Унија во извештајот на Прибе и во сите свои извештаи не бара реваншизам, туку реформи кои треба да донесат меритократија наместо паразитска бирократија, прагматизам наместо клиентелизам и чесност наместо корупција.
„Ќе ве потсетам дека македонските граѓани не бараат реваншизам, туку реформи. Нивното барање е и мое барање“, порача Иванов.
Оцени дека Армијата на Република Македонија во 2017 година успешно ја изврши својата уставна и законска мисија. „Особено сакам да ја истакнам улогата на нашата Армија во заштитата на нашата јужна граница од заканата од илегалната миграција како и нејзиниот придонес во глобалната безбедност со нашето учество во меѓународните мировни операции“, рече Иванов.
Истакна дека се менува геополитичката слика на светот.
„Глобалните климатски промени, верската радикализација која е во подем, воените вештини на терористичките борци, безбедносните ризици од илегалната миграција и нелинеарното војување на секој против секого, се заканите со кои се соочуваме“, рече Иванов.
- Интеграциите во ЕУ и во НАТО, стратешки определби на Република Македонија -
Во својот говор, Иванов рече дека како врховен командант се залага за зголемување на буџетот за Армијата на 2%, со што ќе се подобри животниот стандард на припадниците на Армијата и ќе се спроведе нејзиното модернизирање. Ова, рече тој, го бараат новите безбедносни предизвици и аспирации за членство во НАТО.
Претседателот Иванов се осврна на евроатланскиот пат на Република Македонија.
„Очекуваме Европската Унија да ја потврди својата политика на отворени врати. Република Македонија заслужено очекува на следниот самит да добие безусловена препорака и отпочнување на преговорите за полноправно членство. Со овој чекор, Унијата 'de jure' ќе ја препознае рамноправната и партнерската позиција на нашата држава кон градење на обединета, слободна и мирна Европа“, рече Иванов.
„Наредната 2018 година е можност НАТО да ја исправи неправдата од Букурешт. Тоа е историска шанса конечно да го завршиме она што го започнавме пред четврт век“, истакна Иванов додавајќи дека единствен начин Македонија да се врати во нормала е ако час поскоро влезе во НАТО и добие датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ.
- „Регионална соработка е имптератив во добрососедските односи“-
Осврнувајќи се на регионалната соработка е императив во градењето на добрососедските односи. „Учествувавме на повеќе значајни состаноци во рамки на процесот за соработка во Југоисточна Европа, Брдо-Бриони и Самитот 100. Република Македонија ја продолжи политиката на градење на добрососедски односи врз основа на принципите на отвореност и взаемно почитување на внатрешните и надворешните политички приоритети на секоја држава во регионот“, рече Иванов.
- „Решение за проблемот со името да се бара само во рамките на Обединетите нации“ -
Иванов смета дека решението за прашањето на името станало заложник на бирократијата на НАТО и ЕУ.
„Затоа, решение за разликата околу името со Грција може да се бара само во рамките на Обединетите нации, каде сме рамноправни. Заемно прифатливото решение мора да го почитува нашиот национален идентитет. Не може да се лицитира со идентитетот на граѓаните и уставното име на државата. Неопходно е стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите – Повелбата на Обединетите нации, резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата. Мора да продолжиме да инсистираме на почитување на меѓународното право и меѓународно преземените обврски, бидејќи тие даваат предвидливост и сигурност во светскиот непоредок", рече Иванов и ја поздрави конструктивноста во мерките за градење доверба меѓу Македонија и Грција.
За договорот за добрососедство помеѓу Македонија и Грција истакна дека треба да се гледа од аспект на иднината, а не од аспект на минатото
- Градење односи со стратешките партнери -
Претседателот Иванов истакна дека во услови на геополитички тектонски поместувања, неопходно е внимателно и балансирано градење на односите со постојаните земји-членки на Советот за безбедност на Обединетите нации.
„Понатаму, градењето односи со земјите со кои имаме договори за градење на стратегиско партнерство, односно Соединетите Американски Држави и Турција. Очекувам дека Владата ќе продолжи и со градење на стабилни политички и економски односи со државите од евроазискиот регион преку различните механизми, како што е Иницијативата 16+1 на Народна Република Кина, но и со Австралија и земјите од Јужна Америка и Африка, особено со земјите во кои е присутна македонската дијаспора“, истакна Иванов.
- „Законот за употреба на јазици е репресивен“ -
Претседателот Иванов во обраќањето се осврна и на Законот за употреба на јазиците во Република Македонија. Тој смета дека со овој закон, заради краткорочни политички поени се доведуваат во прашање трајните интереси на Република Македонија и на македонскиот народ.
„Колку што е опасно неспроведувањето на Рамковниот договор, толку е опасно и излегувањето од рамката што тој ја предвидува. Ќе потсетам дека Република Македонија е унитарна држава на сите нејзини рамноправни граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, христијани, муслимани, евреи и атеисти. Тоа е она по што сме различни од другите“, рече Иванов и додаде дека нема прецизна терминологија околу тоа што е официјален јазик, службен јазик и јазик во службена употреба. Исто така, посочи дека Законот за употреба на јазиците е „репресивен“.
Претседателот Иванов ги пофали најавите на Владата на Република Македонија за спроведување попис на населението во 2019 година.
„Тоа ќе ни овозможи да добиеме реална слика за внатрешно-политичката состојба и основа за правата и обврските на граѓаните и на државата“, истакна Иванов.
На крајот од својот говор, Иванов апелираше до пратениците и до сите политички чинители да бидат одговорни во својата работа.
„Ве повикувам за секој предлог-закон што ќе го разгледувате и за секој збор што ќе го изговорите од оваа говорница да размислите, не што значи тоа за следните избори, туку како тоа ќе се одрази на наредните генерации“, порача претседателот Иванов.
news_share_descriptionsubscription_contact


