Dzihat Aliju
20 Декември 2017•Ажурирај: 21 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - По повод 21 декември - Денот на образование на турски јазик, претседателот Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, приреди прием во претседателската резиденција во Скопје, на кој присуствуваа бројни ученици и наставници од различни градови во земјата кои имаат настава на турски јазик, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Иванов во неговото обраќање упати честитки по повод Денот на образование на турски јазик.
Иванов нагласи дека на 21 декември 1944 година за првпат во Македонија започна наставата на турски јазик, со тоа се исполни заветот за еднаквост и рамноправност на сите граѓани независно од етничкиот, верскиот и јазичниот идентитет.

Осврнувајќи се на зборовите на Мустафа Кемал Ататурк кој вели: „Нашиот вистински ментор во животот е науката", претседателот Иванов рече:
„За тоа денес решивме да го славиме овој важен ден со оние на кои им припаѓа, со учителите професорите и наставниците, со оние кои ги посветиле својот живот на образованието, оние кои деноноќно и без одмор работат со млади генерации, чија задача ќе биде обликување на подобра иднина за ова земја”.
Претседателот Иванов рече дека Македонија е горда на овој културен мозаик, исто како што е горда и што може да се нарече роден крај на турски државници како Ататурк, Али Фетхи, турскиот поет Јахја Кемал, спортисти како Џеди Осман, турски просветни работници како Абдулхаким Хикмет Доган. Тој додаде дека „тие и многу други синови и ќерки на Македонија и Турција најдобра ја одразуваат традицијата на соживот што ја наследивме од предците."
Иванов истакна дека во сите изминати години од независноста на Македонија, Република Турција се покажа како стабилен пријател и поддржувач на Македонија.
„Во мугрите на независноста ние се соочивме со сериозни предизвици, од непризнавање и изолација, па сѐ до блокади и ембарга. Но како што вели народот – пријателот во мака се познава. Република Турција се покажа како стабилен поддржувач и пријател на Република Македонија. Најпрво со признавањето на незавизноста, а подоцна и со активната поддршка на нашиот евроатлантски пат“, истакна Иванов, и додаде дека во 2017 година, не само Македонија, туку и Турција се соочува со сериозни предизвици, и на домашен и на глобален план, и ,како што рече тој, затоа треба меѓусебно да се поддржуваме, бидејќи заедно сме посилни.
Потсетувајќи дека Македонија и Турција имаат развиени добри економски односи, Иванов истакна дека Македонија е важна турситичка дестинација за Турците, како и дека Турција е важна турситичка дестинација за граѓаните на Македонија.
Иванов нагласи дека како претседател и академик ќе дава поддршка за наставниците да продолжат со едукација на успешни генерации. Тој додаде дека покрај македонските институции ќе ги поддржи и турските институции како што се Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Институтот „Јунус Емре" и Стопанската комора на Македонија и Турција - МАТТО.
Од друга страна, претседателот на Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), Хусрев Емин, во изјава за медиумите истакна дека 21 декември - Денот на образование на турски јазик е најзначаен показател и доказ на туското присуство во Македонија.
Утре со поддршка на ТИКА по овој повод ќе се одржат различни активности, на кои ќе учествува и турскиот вицепремиер, Хакан Чавушоглу.