Admir Fazlagic
03 Ноември 2017•Ажурирај: 04 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Основниот суд Скопје 1 денеска ја изрече и последната пресуда за случајот „Дива населба“. Доживотна казна затвор му е изречена за Сулејман Османи од село Брест, еден од организаторите на насилствата во кумановската Дива населба во мај 2015 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Адвокатот на обвинетиот Османи, Насер Рауфи, по изрекувањето на казната рече дека нема никакви докази оти обвинетиот ги извршил делата за кои е обвинет.
„Нема никакви докази дека обвинетиот извршил кривични дела тероризам и терористичка организација. Може да стане збор за кривично дело поседување оружје, не е спорно дека бил на местото на настанот, но нема кривично дело тероризам. Ако не е повреден цивил, а во овој случај напротив, цивилите биле гостопримливи и ги повикале обвинетите, тогаш не постои тероризам“, изјави адвокатот Рауфи.
На Османи му се судеше во посебна постапка, за разлика од останатите 37 обвинети во овој случај, бидејќи тој една година не беше достапен за органите на прогонот, односно беше во Косово. По неговата екстрадиција, му се судеше во издвоена постапка.
Судот оцени дека обвинетиот е виновен за учество во терористичка организација и тероризам, поради што го осуди на доживотен затвор.
Од судот најавија дека по објавувањето на пресудата, јавноста ќе може да ги види доказите кои произлегуваат од посебните истражни мерки, кои досега се чуваа во тајност, со што ќе се оттргнат сите шпекулации што кружеа во изминативе години.
Судот вчера осуди седуммина обвинети на казна доживотен затвор, за терористичкиот напад во кумановскaта „Дива населба", а 13 обвинети добија казна од 40 години затвор.
На казна затвор од 20 години се осудени петмина обвинети, две години помалку доби еден обвинет, а по двајца обвинети добија казна затвор од 14, 13 и 12 години. Четворица од обвинетите добија и ослободителна пресуда.
На 9 и на 10 мај 2015 година, во кумановската „Дива населба", вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осуммина полицајци од специјалните и од посебните единици на МВР, а четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група.