Zülfiya Yakup
03 Ноември 2017•Ажурирај: 03 Ноември 2017
ПРИШТИНА (AA) – Група граѓани и членови на семејствата на припадниците на „Кумановската група“ протестираа денеска во Приштина за да го изразат своето незадоволство за пресудите изречени во судот во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Демонстрантите се обидоа да протестираат пред зградата на амбасадата на Македонија во Приштина, но полицијата не им дозволи пристап. Откако не успеаја да пријдат до амбасадата, тие се собраа пред Владата на Косово, каде што бараа да им се обрати премиерот на Косово или некој друг од владиниот кабинет.
Пред нив излезе премиерот на Косово, Рамуш Харадинај и порача дека најдобар начин да се смени настанатата ситуација е да се побара меѓународна помош.
„Следевме вчера што се случи и изненадени сме. Според мене, начин да се смени оваа состојба е да се бара меѓународна помош. Не ги знам процедурите како да се постигне тоа, но заинтересирани сме да најдеме начин да се вмеша меѓународна, неутрална страна“, рече Харадинај.
Косовскиот премиер смета дека меѓународната помош би требало да се однесува на истрагата и судиите, но и на анализата на ситуацијата пред случувањата во Куманово па до сега.
Одговарајќи на прашањето на член на семејството на осудените, во врска со тоа зошто не им било дозволено да се приближат до амбасадата на Македонија, Харадинај рече дека тоа се безбедносни правила, како и дека со одење пред амбасадата нема да се реши ситуацијата.
Тој ги повика семејствата на затворените припадници на „Кумановската група“ да изберат по еден свој член и да дојдат во неговиот кабинет в понеделник.
По разговорите со косовскиот премиер, собраните мирно се разотидоа.
Инаку, во претходно издадено соопштение на Владата на Косово, се вели дека министерот за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, го повикал на интерни консултации амбасадорот на Косово во Скопје,, Илбер Хиса, а по повод истото прашање го повикал и амбасадорот на Македонија во Косово.
Основниот суд Скопје 1 денеска ја изрече и последната пресуда за случајот „Дива населба“. Доживотна казна затвор му е изречена за Сулејман Османи од село Брест, еден од организаторите на насилствата во кумановската Дива населба во мај 2015 година, а вчера судот осуди седуммина обвинети на казна доживотен затвор за истиот случај, а 13 обвинети добија казна од 40 години затвор.
На казна затвор од 20 години се осудени петмина обвинети, две години помалку доби еден обвинет, а по двајца обвинети добија казна затвор од 14, 13 и 12 години. Четворица од обвинетите добија ослободителна пресуда.
На 9 и на 10 мај 2015 година, во кумановската „Дива населба", вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осуммина полицајци од специјалните и од посебните единици на МВР, а четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група.