Abdula Berisha
11 Јуни 2020•Ажурирај: 12 Јуни 2020
СКОПЈЕ
Министерството за здравство на Република Северна Македонија соопшти дека во последните 24 часа се потврдени 175 нови случаи на коронавирусот (Ковид-19), со што вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со овој вирус во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 3.538, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти Министерството за здравство, регистрирани се 5 смртни случаи, со што вкупната бројка на починати лица од последиците на Ковид-19 изнесува 169.
Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 18 оздравени пациенти, а вкупната бројка на оздравени пациенти од Ковид-19 е 1.682, додека во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 1.536.
Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 971 тестирање, а вкупната бројка на направени тестирања за овој вирус изнесува 40.004.
Службените лица претходно објавија дека врвот на случаи на Ковид-19 во земјата се очекува да достигне помеѓу 2.000 и 2.500.
Министерот за здравство, Венко Филипче, на прес-конференција минатата недела изјави дека земјата се соочува со втор бран на пандемијата.
Потсетуваме дека Владата на Република Северна Македонија донесе заклучок да се воведат засилени контроли и мониторинг во таргетирани подрачја, наместо повторно воведување полициски час, што беше предложено од Комисијата за заразни болести.
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, на 30 мај објави нова вонредна состојба во траење од 14 дена. Вонредната состојба во земјата за првпат беше воведена на 18 март во рамките на борбата против ширењето на коронавирусот.