Zülfiya Yakup
16 Јануари 2018•Ажурирај: 17 Јануари 2018
СЕВЕРНА МИТРОВИЦА (AA) - Ковчег со телото на Оливер Ивановиќ, лидерот на Граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда", кој беше убиен утрово, донесен е вечерва во канцелариите на неговата партија, каде што беше убиен, јавува Anadolu Agency (AA).
Во седиштето на партијата се присутните членови на семејството на Оливер Ивановиќ, партиски колеги, пријатели и негови почитувачи. Пред куќата се палат свеќи и се положува цвеќе.
Полицијата на Косово која води истрага за убиството на Ивановиќ за сега нема нови детали во врска со извршителите на убиството. Утрово во 8.20 часот непознати лица пукаа од огнено оружје на Ивановиќ, токму пред канцеларијата на неговата партија во Северна Митровица.
Слободан Петровиќ, пратеник на Собранието на Косово и лидер на Самостојната либерална партија откако изрази сочувство на семејството и партиските колеги, изјави дека ова е злосторнички акт, како и дека убиството на Ивановиќ е голем губиток за семејството, но и за целата српска заедница и сите граѓани кои живеат на овие простори.
„Го убија најдобриот меѓу нас, за жал, веќе подолго време амбиентот и атмосферата се повеќе од лоши за сите оние кои сакаа и сакаат да менуваат нешто кон подобро и кои смеат да кажат нешто кога не е добро, кои имаат своја визија", рече Петровиќ.
Тој упати апел до домашните и меѓународните фактори, кои имаат мандат да работат на заштита на животот на граѓаните, што поскоро да ги пронајдат сторителите и оние кои ова злосторство, но и минатите злосторства ги осмислиле.
Момчило Трајковиќ, поранешен српски политичар од Косово, изјави дека ова е голема трагедија за семејството, но и за српскиот народ на Косово и за сите луѓе кои живеат на Косово.
„Оливер Ивановиќ беше човек од компромис, човек од разумот, храбар и човек со визија. Ќе остане една голема празнина во понатамошното политичко делување на Косово. Оние кои го тргнаа сметам дека се луѓе без малку памет бидејќи не разбирам од чии интерес произлезе ликвидацијата на Ивановиќ", рече Трајковиќ.
Тој наведе дека Ивановиќ бил дел од автентична српско косовска политика, која треба да продолжи.
На барање на семејството, Ивановиќ ќе биде погребан утре во Белград.
Убиството на политичарот Ивановиќ го осуди претседателот на Косово Хашим Тачи, Владата на Косово, како и претставниците на странските мисии во оваа земја.
По информацијата за убиството на Ивановиќ, српската делегација ги прекина разговорите со Приштина во Брисел, и се врати во земјата. Српскиот претседател, Александар Вучиќ, денеска напладне свика вонреден состанок на Советот за национална безбедност.
Оливер Ивановиќ, лидерот на Граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда", беше еден од клучните политичари во северниот дел на Косово, каде што доминира српското население.
Ивановиќ, кој командуваше со српските паравоени групи во војната во Косово, беше осуден на 9 години затвор во 2016 година за злосторства извршени врз цивили Албанци за време на војната. Врховниот суд ја поништи одлуката во 2017 година и нареди повторно судење.