Agim Sulaj
03 Мај 2025•Ажурирај: 05 Мај 2025
ПРИШТИНА (АА) – Конституирањето на косовското Собрание не успеа ни по десеттиот обид поради недоволен број гласови за избор на претседател на Собранието, јавува Анадолу.
Исто како и во четвртокот, седницата започна со гласање за формирање комисија за тајно гласање за избор на претседател на Собранието. Но, повеќето партии се спротивставија на креирањето на ваква комисија со тоа што не назначија свои членови за неа.
За комисијата за тајно гласање гласаа 54 пратеници, 1 беше против, а воздржани немаше.
Претседавачот со седницата, Авни Дехари, ја затвори седницата поради недостиг на доволен број гласови и најави нејзино продолжување во понеделник во 10:00 часот.
Лидерот на втората по големина партија во земјата, Демократската партија на Косово (ПДК), Мемли Красниќи, изјави дека е глупаво да се очекува различен резултат од исто дејство.
Тој рече дека сè додека Албулена Хаџиу е кандидат за претседател на Собранието ќе продолжи неуспехот за конституирање на косовското Собрание. Истото го кажа и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), несогласувајќи се со предложувањето на Албулена Хаџиу за претседателка.
Од потребните минимум 61 глас, кандидатката на Движењето Самоопределување, Албулена Хаџиу, доби не повеќе од 57 гласови за претседател на косовското Собрание, од кои 48 се од Движењето Самоопределување и 9 од пратеници од заедниците.
Од 19 април, кога се премина на оваа точка од дневниот ред, кандидатката на Самоопределување не успеа да добие доволен број гласови.